„Вештачењата за присуство на барутни честички што беа извршени по наредба на јавниот обвинител ги потврдија првичните сознанија дека осомничениот со огнено оружје – пиштол испукал неколку истрели во правец на оштетениот со умисла да го лиши од живот и му нанел прострелна рана во пределот на ногата“, информираат од Обвинителството
Два дена откако е објавена одлуката дека Акиф Равманоски е помилуван од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, за кој медиумите пренесуваат оти е член на наркокланот „Барон“, денеска тој непосередно по излегување од затворот „Идризово“ во Скопје е уапсен за обид за убиство.
Од Обвинителството информираат дека полициски службеници денеска лишија од слобода лице што со одлука на претседателката на државата, извршувањето на казната затвор му е заменета со условна осуда.
„За истото лице е поведена истрага за ново кривично дело – убиство од член 123 во врска со член 19 (во обид) од Кривичниот законик“,
се вели во соопштението од Обвинителството.
Оттаму посочија дека за лицето се водеше претходна постапка во врска со оружениот инцидент, што се случи на 14 октомври на булеварот „Христијан Тодоровски-Карпош“ во Чаир.
„Вештачењата за присуство на барутни честички што беа извршени по наредба на јавниот обвинител ги потврдија првичните сознанија дека осомничениот со огнено оружје – пиштол испукал неколку истрели во правец на оштетениот со умисла да го лиши од живот и му нанел прострелна рана во пределот на ногата“,
информираат од Обвинителството.
Донесена е наредба за истрага на осомничениот, а до судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд ќе биде доставен предлог за определување мерка притвор.
За истиот настан, по поднесена кривична пријава од Министерството за внатрешни работи (МВР) против три лица, ОЈО Скопје поведе постапка за кривично дело – Учество во тепачка од член 132 став 1 од Кривичниот законик.
Потврда за приведувањето пристигна и од МВР.
Претседателката донесе одлука за помилување десет осуденици, меѓу кои Равманоски, кому казната од година и пол затвор му е сменета во условна. За него, медиумите пренесуваат оти е член на наркокланот „Барон“.