На Илинден со Естонците

Македонија го одработе своето во групната фаза на континенталниот собир за играчи до 18 години во рамките на Б дивизијата, што се одржува во романскиот град Орадеа. По 5 кола забележавме 5 победи и се пласиравме во елиминациите со 100% учинок, единствена друга селекција со ваков ефект е Израел.

Судбината сакаше да играме 1/4 финале на најголемиот македонски празник, светиот ден Илинден, кога за првпат 1903 година ја почнавме најсериозната битка за нашата независност. Таа битка се уште трае, можеби на поинакви полиња и со поинакво оружје, но сепак трае и како што може да се види од реалноста, ќе трае.

Но, тоа не е ваша борба, во моментов. Вие сте таму да не претставувате во најдоброто светло што го имате и најдостоинствено што можете. Вие вашето го одигравте во првата фаза, одморете се добро и продолжете по истата патека. Излезете на терен и полетно разлејте го својот потенцијал по паркетот, нека му ја мисли противникот.

Нека не ве водат никакви императиви, нека не ви тежи ништо на плеќите! Што и да се случи вие сте нашите деца, дел од нашиот подмладок и дел од нашата иднина. Од дното на душата сакаме да победите, сакаме да ве видиме во А дивизијата, заради вас и нас, заради многу причини. Но, ве оставаме да одиграте слободно, така како што само вие знаете, па другото само нека си дојде на своето место, така како што е запишано.

Не заборавајте дека секој ја предизвикува својата судбина и дека среќата секогаш ги прати храбрите. Вие веќе не направивте горди на вас, веќе срцата ни чукаат со вас, веќе веруваме и знаеме дека ве чекаат светли кошаркарски кариери. Само храбро и смирено, дисциплинирано и борбено, за секоја топка, до последната капка енергија.

- Реклама -