Од 2008 до 2017 година, вкупниот број на жители на Грција е опаднат за 355.000, оценува професор Гиоргос Рахиотис од Универзитетот Тесалија.
Говорејќи на тема „Аспектите на демографските проблеми во Грција“, професорот порача дека решението е младите високо специјализирани научници да се вратат во Грција, а државата паралелно да воведе и иницијативи за поддршка на мајчинството и раѓањето, без оглед на бројот на деца.
Посебно е итно, вели Рахиотис, одново да се воспостави демографската рамнотежа во „чувствителните делови“ на земјата, како „Источна Македонија“, Тракија и островите на Северниот Егеј, каде соодносот на наталитетот и морталитетот прераснува во „прашање од национална безбедност“.
Иако падот на наталитетот е феномен распространет низ цела Европа, а во Грција почна уште во ’70-тите и ’80-тите, бројот на жители продолжи да расте поради приливот на мигранти и како последица повремените скокови во кои стапката на наталитетот ја надмина стапката на морталитетот.
Меѓутоа, „економската криза и вклучувањето на Грција во механизмите на меморандумот за заеми ја нарушија рамнотежата“, истакнува Рахиотис, оценувајќи дека „Грција доживеала огромна економска и социјална катастрофа, без преседан во годините по Втората светска војна, а како последица на тоа, наталитетот нагло опаднал“.
Од 2015 до 2017-та година, смртноста ја надминала бројката на родени, додека во 2017-та бројот на новородени паднал на помалку од 90.000 годишно, оценува професорот.
„Илјадници Грци на продуктивна возраст и со високо образование ја напуштија земјата. Државата треба повеќе да помогне на семејствата, вклучително и одново воведување на намалените даноци за семејствата со повеќе деца, како и обезбедување на пензии за мајките со многу деца“, порачува Рахиотис.