Едно ново истражување објавено во Frontiers in Psychology покажува дека нашата доверба во другите зависи од тоа колку добро тие изгледаат т.е. дека повеќе им веруваме на поубавите. Тоа важи дури и кај децата.
Феноменот во основата на таквото однесување, кој научниците го нарекуваат beauty stereotype, кај луѓето постои од многу одамна. Во основа, значи дека за луѓето кои ги сметаме за атрактивни, не само што претпоставуваме дека повеќе може да им се верува, туку и дека се попаметни и поуспешни.
Едно ново истражување покажува дека кај децата овој стереотип е уште поизразен. Резултатите велат дека физичката убавина е важен фактор во тоа како децата ги формираат првите впечатоци при средбата со нови луѓе.
За да го докажат ова, истражувачите од медицинскиот универзитет Wenzhou во Кина, проучувале 130 деца на возраст од 8, 10 и 12 години, па ги споредиле нивните реакции на голем број лица.
Притоа бил користен софтвер за компјутерско генерирање на 200 машки лица, сите со неутрален израз. Во првата фаза, децата оценувале колку им верувале на лицата. Еден месец подоцна, во втората фаза, децата оценувале колку е убаво секое од лицата.
На крајот, студијата покажала дека децата најмногу им веруваат на лицата што ги оцениле како најубави. Згора на тоа, се покажа дека како што стареат децата, овој линк меѓу перцепцијата на доверливоста и перцепцијата на привлечноста само дополнително се зајакнува. Заклучокот е дека, било заради културата, биологијата или веројатно и двете – децата, како и возрасните, ја земаат физичката убавина како важен фактор кога проценуваат нечиј карактер.