НА ДВА ЧЕКОРА ОД ЧОВЕЧНОСТА

mkd-192136Ги живееме деновите кога во грлото ни горчи кнедла, која не сака ниту внатре ниту надвор. Живееме во оние денови кога се срамиме од самите себе си. Оние кои знаат што е тоа срам секако. Другите кои наместо лица, имаат ѓонови, слават некоја си победа. Ја одбраниле државата ете. Ја одбраниле државата од сопствениот народ. Од оние кои ниту со камче ниту со пцовка не им се нафрлија после нивниот арогантен испад, да им плукнат на обидот за протест. Го узурпираа просторот и оневозожија собир. У реду е браќа.
Човекот кој силно си ја љуби земјата нема да фрла со бекатони и камења накај вас. Човекот кој што си ја сака земјата ќе отстапи во име на заедништвото и за инает на оној кој упорно не хушка да се здавиме и очите да си ги извадиме. Само два чекора од човечноста не делат браќа. Два чекора и една ограда, за сите заедно да станеме луѓе. Да им објасниме на чуварите на редот дека не се потребни нивните кордони. Ние луѓето делиме една судбина, многу поразлична од оние од високите слоеви. Ние вистинските луѓе силно бунтуваме кога некој сака да не дели и да не турка од позади во директна конфронтација. Еве ви го мојот среден прст. На моите сограѓани нема да мавам!Колку и да се безобразни и арогантни…

И јавно го поставувам прашањето. Дали  ни треба таква Македонија во која сите слоеви на државата се предодредени на партијата? Дали треба да се брани таквата Македонија во која директорите ги будат луѓето во 4 часот наутро и им наредуваат да се појават на некаков си собир кој може да предизвика конфронтација со своите сограѓани? Дали треба да се брани таквата Македонија во која зборот Македонија се става под знак равенство со името на една партија? Ако таа партија е Македонија а се против нив се смета дека не е Македонија, ја прв би ја урнал таквата слика за мојата Македонија. Македонија е многу повеќе од рејтинг, процент плус или минус, и од суета на некој си партиски лидер. Македонија се сака подеднакво и од власт и од опозиција. Јас не ја сакам власта која ми го дели народот, но си ја сакам државата.
Зошто вие ме нарекувате предавник и не-македонец кога велам дека не ја сакам вашата власт? Зар таквата Македонија треба да ја браниме? Каде партиските штабови и собраниот чопор на народ треба да изиграваат и институции и орган за чување на редот? Се уверивте ли конечно, дека оние ,,предавницине” не сакаат да ги рушат институциите на својата земја? Се уверивте ли дека и во нашите раце се вее знамето на Македонија? Македонија сме сите. Не само вие браќа! Премногу сме малку под ова небо да се делиме по тој основ.

И не сакам да ја бранат Македонија во која единствен избор се партиската книшка или пасошот. Изборот да се стане нивен цреп или доживотен бегалец од своето родно огниште. Многу луѓе ја лапнаа книшката, некои го лапнаа пасошот и фатија џаде од овде. Ние кои сеуште сакаме да живееме тука, не стега над желудникот. Ја бараме правдата слепа и вистината глува. И ќе ја бараме. Под секое камче и под секој темел. Под секоја рушевина која ја оставивме позади нас. И конечно, да престанеме да се покажуваме со прст, кој повеќе а кој помалку ја сака својата земја. Да почнеме да работиме за неа за таа некогаш да почне да ни служи нам. Се додека безмилосно и ја вадиме душата, таа ќе биде на колена и ќе биде повеќе или помалку нечива. Политичката борба во ниту една земја не е борба на живот и смрт. Многу теории на заговор и многу хорор приказни се креираат овде додека трае политичката борба. Дајте бре да прекине ова лудило. Изборите да ги славиме ко празници и после секој исход да си подадеме рака и да продолжиме онаму каде што претходниот застанал. Да го доградиме она што претходникот не успеал да го догради а не да го рушиме она што претходникот почнал да го гради. Тогаш ќе бидеме само на еден чекор до човечноста…

НАПИША: БУЛЕВАРКО

- Реклама -