24-ти октомври е еден од најважните, ако не и најважниот ден на фудбалот. На овој ден, пред 160 години, е роден првиот фудбалски клуб во историјата. Се работи за англискиот Шефилд.
На 24 октомври 1857 година, членовите на крикет клубот Шефилд решаваат истовремено да формираат и фудбалски клуб. Тоа воедно е и почетокот на долгата и слатка приказна на спортот кој денес е мултимилионска индустрија, ама пред сé – „најважната споредна работа на светот“.
А таму, на почетокот на приказната, фудбалот немал правила како овие денес. Во средината на 19-от век, фудбалските правила се разликувале зависно во кој дел од земјата се играло. Првиот фудбалски меч, против Нотингем, на пример, се играл со вкупно 36 играчи – по 18 играчи на двете страни.
160 години подоцна, Шефилд не е професионален клуб и се натпреварува во најниските рангови на англискиот фудбал. Но тоа не го менува фактот дека Шефилд засекогаш ќе биде запишан во фудбалската историја, и со право го слави 160-годишниот јубилеј. Од клубот побараа сите љубители на фудбалот во светот да им се приклучат во славјето:
„160 години од убавата игра е уникатен, историски јубилеј, не само за клубот, туку за фудбалот во целост. Ова е голема шанса да се прослави играта за сите инволвирани. Има ли поубава прилика за на светот да му ја соопштиме приказната за 160-те години од нашата игра. Ги повикуваме сите, навивачите, клубовите, медиумите, брендовите низ светот да се приклучат на прославата“, изјави Ричард Тимс, претседателот на првиот фудбалски клуб.
Извор: sport1.mk