Во моментот кога пред судијата во Мајами ги изнесувал завршните аргументи во случајот околу подметнат пожар, на адвокатот на одбраната му се запалиле панталоните.
Присутните, за Мајами Хералд, раскажаа дека 28-годишниот адвокат „нешто чепкал“ по џебот во текот на обраќањето, кога панталоните одеднаш почнале да му чадат. Тоа се случило баш во моментот кога адвокатот објаснувал како автомобилот на неговиот клиент се запалил сам од себе, и дека обвинетата не го запалила намерно.
И сево ова може немаше да биде така смешно ако не постоеше онa англиското „liar, liar, pants on fire“ (песна што му ја пееш на некој што си сигурен дека лаже), што буквално значи „лажго, лажго, горат панталоните“. Нормално, американските медиуми не пропуштија да стават наслови како „Lawyer, lawyer, pants on fire“, и со право, зашто…
… По малиот инцидент адвокатот брзо излегол од судницата, а кога се вратил, неповреден, за инцидентот ја обвинил неисправната батерија на електронската цигара. Судењето продолжило, а 48-годишната Клаудија Чарлс, која ја застапувал адвокатот, на крајот е прогласена за виновна за подметнување пожар од втор степен.
Во меѓувреме, полицијата и обвинителот во Мајами поведоа истрага за необичниот инцидент, а окружниот судија ќе може да го обвини адвокатот за непочитување на судот.