На 29 пратеници од минатиот состав им се прифатени барањата за апанажа, рокот за поднесување барања завршува на 28 јуни

На 29 пратеници од минатиот состав денеска собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата им го прифати барањето за апанажа. Поднесени се и други барања што се разгледуваат, информираше претседателот на Комисијата Ѓорѓија Сајкоски.

Согласно законските одредби, апанажата е во висина на платата на пратениците и ја исплаќа Собранието односно организацијата во која лицето ја вршело функцијата.

Според информациите од Собранието, 57 пратеници од минатиот состав имаат право на апанажа бидејќи не се дел од новиот состав. Рокот за поднесување барања на апанажа започна на денот на верификација на мандатите на членовите на новиот парламентарен состав 2024-2028, а завршува за 30 дена односно на 28 јуни.

Меѓу оние кои побарале да го остварат правото на плата по престанок на функцијата пратеник се Мирослав Јовановиќ, кој ќе прима апанажа само два месеци до стекнувањето право на пензија, Абдула Салиу шест месеци односно исто така до стекнување право на пензија и Ремзи Мехмеди – девет месеци.

Една година правото на апанажа ќе го користат Жаклина Лазаревска, Соња Михајловска, Ненад Коциќ, Марија Георгиевска, Санела Шкриељ, Дарко Каевски, Марија Костадинова, Марија Ангелова, Емилија Рамбабова, Љупчо Балковски, Белкиса Зеќири, Даниела Колева, Бајрам Кадрија, Атнан Незири, Лолита Ристова, Диме Велковски, Артина Ќазими, Марија Кочовска, Мухамед Кадриов, Игор Јанушев, Маја Морачанин, Боби Мојскоски, Кастриот Реџепи, Лазе Таневски, Мартин Костовски и Мирче Аџиовски.

Десет членови на Комисијата гласаа „за“ остварување на правото на апанажа на поранешните пратеници, а против гласаше само пратеникот на Левица Борислав Крмов.

Сајкоски информираше дека потпишал барање за престанок на апанажа на поранешниот министер за внатрешни работи Оливер Сапсовски, кој стана пратеник, и за Весна Бендевска, која исто така стана пратеничка, а претходно беше претседателка на Комисијата за антидискириминација.

Прочитајте и:  Инцидент во Собранието, за малку избегната физичка пресметка меѓу Апасиев и пратеници од ВМРО-ДПМНЕ

Законот за плата и другите надоместоци на пратеници во Собранието и другите избрани и именувани лица предвидува пратеник да може да остварува плата и по престанувањето на мандатот за време до една година, и тоа: три месеци ако мандатот на пратеникот траел до шест месеци, шест месеци доколку мандатот на пратеникот траел од шест месеци и еден ден до 12 месеци, девет месеци ако мандатот на пратеникот траел од 12 месеци и еден ден до 24 месеци и 12 месеци ако мандатот на пратеникот траел 24 месеци и еден ден и повеќе.

Исто така, со законот се предвидува пратеник да може да остварува плата подолго и од една година, а најмногу уште шест месеци, доколку во тоа време стекнува право за старосна пензија.

За време на остварувањето на ова право пратеникот нема право на други лични примања и надоместоци на трошоци.

Поранешните пратеници треба да поднесат лично барање, кое се поднесува најдоцна во рок од 30 дена од денот на престанувањето на функцијата. Надлежното тело на Собранието со решение го утврдува правото и неговото престанување согласно со одредбите на овој закон.

Правото на апанажа може да престане доколку поранешниот пратеник стекне право на пензија, кога тој ќе побара, кога ќе се вработи и ќе биде избран или именуван на друга функција врз основа на која остварува плата.

Ова право може да престане доколку лицата се правосилно осудени за кривични дела против државата или за кривични дела сторени од користољубие.

Апанажата е во висина на платата на пратениците и ја исплаќа Собранието на Република Македонија односно организацијата во која лицето ја вршело функцијата. Поранешните пратеници ќе имаат право и надоместок и за време на годишниот одмор. 

- Реклама -