На 2 мај, кога годинава се слави големиот муслимански празник Рамазан Бајрам, во кумановското село Слупчане свечено ќе биде откриен спомен кулата висока над 20 метри, а вредна над 12.1 милиони денари (околу 200.000 евра), која Општина Липково ја изгради во чест на борците на ОВК (aka. УЧК), објави „Фокус“, кој уште лани пишуваше за изградбата.
Како што посочува порталот, настанот го најави на Фејсбук градоначалникот на Липково – Еркан Арифи (од ДУИ).
„За тоа што мачениците го дадоа за нашата слобода, ние ја поставивме Спомен кулата за да го одбележиме нивното херојско дело за цел живот“, пишува Арифи во објавата.
Како што потсетува „Фокус“, ДУИ го слави 2 мај како Ден на бранителите, а лани, на 20-годишнината од воениот конфликт во 2001 година, на местото на спомен кулата, партискиот лидер Али Ахмети положи свежо цвеќе, со ветување дека споменикот ќе биде готов до 28 ноември истата таа година.
Според градоначалникот на Липково, споменикот е целосно легален.