МЗ бара итна истрага за маските со лажни сертификати што завршиле низ болниците во Македонија

Министерството за здравство реагира на текстот објавен на порталот на Истражувачка репортерска лабораторија (ИРЛ.мк) со наслов „Маски со лажни сертификати за заштита од корона завршиле низ болниците во Македонија, ОЛАФ води меѓународна истрага“, и побара итна истрага од надлежните институции за да ја проверат точната состојба.

Како што објави ИРЛ, во болниците во земјава завршиле KN95 маски со лажни сертификати. Овие маски се златен стандард меѓу заштитна опрема бидејќи ги филтрираат и најситните воздушни честички, а со тоа и коронавирусот. Во меѓународно истражување, ИРЛ откри дека најмалку седум јавни здравствени институции набавиле маски кои имале лажни и невалидни сертификати за квалитет и се под истрага на Европската канцеларија против измами – ОЛАФ. Маските биле кинески, а институциите ги набавиле на тендер. Го увезле „Др Пановски АД“, „Систина Фармација“ и „КМ Маријан“, додека Агенцијата за лекови „МАЛМЕД“ издала одобренија за увоз, а притоа не вршела проверка на квалитетот (прочитајте ТУКА).

Од Министерството за здравство информираа дека не располагаат со информации поинакви од она што е објавено во текстот, а е цитирано од МАЛМЕД. На барање на Министерството, МАЛМЕД доставила сосема идентични одговори.

„Во однос на информациите наведени во гореспоменатиот текст за набавки на маски со фалсификувани сертификати, Министерството за здравство информира дека нема надлежност да постапува и да врши истраги, ниту пак да утврдува веродостојност на дадените документи.

Министерството за здравство бара итна, брза и независна истрага од страна на надлежните институции за да се утврди точната состојба.

Министерството целосно стои на располагање во рамки на своите надлежности за соработка со сите надлежни институции за да се утврдат евентуални неправилности во посочените продукти и соодветно да се реагира за да се заштити јавното здравје и медицинските работници“, се вели во соопштението на МЗ.

- Реклама -