МВР: Расчистено убиството пред ТЦ „Мавровка“

Министерството за внатрешни работи информира дека СВР Скопје целосно ги расчисти кривичните дела „убиство” и „убиство во обид“, кои беа извршени вчера на паркинг просторот позади трговскиот центар „Мавровка“, каде што со употреба на огнено оружје беше убиен В.Е.(58) од Скопје и на улица „Стојна Стефкова“, каде со пиштол беше пукано кон полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје.

Од МВР велат дека по преземени мерки и брза реакција на СВР Скопје, специјалните полициски сили, хеликоптери и дронови бил фатен и лишен од слобода сторителот на кривичните дела Е.К.(39) од Скопје.

– Веднаш потоа, од Единицата за насилен криминал – Одделение за крвни и сексуални деликти при СВР Скопје беа извршени увиди на местата, беа извршени разговори со сведоци како и претреси во домови на неколку локации, беа прегледани видео записи и беше извршена претрага на терен за обезбедување на материјални докази како што се возила, пиштол, чаури и други одземени предмети. Од страна на Одделот за форензички испитувања при МВР извршено е вештачење на чаури и пиштол со кое вештачење се поврзуваат двете кривични дела со сторителот Е.К., стои во соопштението од МВР.

По обезбедување на целокупниот доказен материјал, Единицата за насилен криминал – Одделение за крвни и сексуални деликти при СВР Скопје во координација со Основното јавно обвинителство Скопје, против Е.К. поднеле кривична пријава по брза постапка поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „убиство”, „убиство” во обид, и  „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материјали”. Пријавата беше прифатена од Обвинителството и е издадена наредба за истрага.

За второто лице кое беше лишено од слобода вчера, од МВР велат дека до овој момент не е утврдена поврзаност со настанот и е ослободен, а се преземаат интензивни мерки за пронаоѓање и на уште едно инволвирано лице за кое постои сомневање дека помагало во извршувањето на кривичното дело „убиство“.

Основното јавно обвинителство денеска донесе наредба за спроведување истражна постапка против осомничениот кој на паркингот кај Трговскиот центар „Мавровска“ вчера усмрти едно лице.

Како што информираа од ОЈО Скопје, осомничениот се товари за кривично дело убиство, убиство во обид и неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи.

– На 20 август, со пиштол марка „ГЛОК“ со калибар 9 милиметри, што го поседувал без дозвола, осомничениот на паркинг просторот на улицата „Филип Втори Македонски“ во Скопје, позади ТЦ „Мавровка“, со умисла и од користољубие лишил од живот едно лице, по што од сопругата на жртвата одзел торба со лаптоп и избегал со автомобил „Ауди“ без регистарски ознаки, стои во соопштението од Обвинителството.

Оттаму дополнуваат дека на местото пристигнало и второ возило „Цитроен“ со белгиски регистарски ознаки, од кое излегло засега непознато лице и од багажникот на автомобилот на жртвата одзело гајба со рачен алат и исто така се оддалечило.

– Автомобилот „Цитроен“ вториот осомничен го оставил во Гази Баба и се качил во автомобилот „Ауди“, по што продолжиле да се движат, но на улицата „Стојна Стефкова“ биле пресретнати од полициски службеници. Додека другото лице управувало, сега осомничениот излегол од совозачка врата и пукал, обидувајќи се да ги лиши од живот полицајците кои сакале да го запрат, се дополнува во соопштението.

Четворицата полициски службеници, како што наведуваат од ОЈО Скопје, во самоодбрана испукале неколку предупредувачки проектили во воздух со службеното оружје, па го совладале и привеле осомничениот, додека, другото лице се дало во бегство и по него се трага.

Од ОЈО велат дека јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице.

- Реклама -