„Согласно Рамковната спогодба за набавка на регистарски таблици, склучен е договор за нарачка со избраниот економски оператор, за што течат законските рокови за испорака на налепниците. Во однос на цената за налепниците, од страна на Министерството за внатрешни работи изготвен е предлог истите да бидат на товар на Министерството односно да бидат бесплатни за граѓаните“, велат од МВР во одговор за „360 степени“
Како што дознава „360 степени“ испораката на налепниците ќе почне веќе следната недела
Министерството за внатрешни работи (МВР) има склучено договор со избраниот економски оператор за нарачка на налепници со кодот NMK и веќе течат роковите за нивна испорака, а МВР има предлог тие за граѓаните да бидат бесплатни. Ова е одговорот што „360 степени“ го доби од МВР на прашањето зошто испораката на налепниците сè уште не е направена до станиците за технички преглед.
„Согласно Рамковната спогодба за набавка на регистарски таблици, склучен е договор за нарачка со избраниот економски оператор, за што течат законските рокови за испорака на налепниците. Во однос на цената за налепниците, од страна на Министерството за внатрешни работи изготвен е предлог истите да бидат на товар на Министерството односно да бидат бесплатни за граѓаните“,
се вели во одговорот од МВР.
Оттаму додаваат дека тие ќе бидат доставени до сите станици за технички прегледи во цела држава и оти граѓаните ќе можат да ги набават од референтите за сообраќај каде што вршат регистрација на возилата.
Како што дознава „360 степени“ испораката на налепниците ќе почне веќе следната недела.
Дека налепниците не се стигнати и оти граѓаните се уште не може да ги набават, денеска за „360 степени“ потврдија од три станици за технички преглед од кои две во Скопје и една во Велес. Одговорите беа речиси идентични, а од едната станица рекоа дека налепниците најверокјатно ќе стигнат за еден месец или месец и половина отсега.
Во последното официјално соопштение на МВР поврзано со промената на стариот код МК со новата ознака NМК на регистарските таблички стои дека налепниците ќе се продаваат по симболична цена – од 30 до 50 денари и дека ќе може да се набават во станиците за технички преглед на возилата низ земјава.
За набавката на налепници и регистарски таблички со новата ознака NМК, Министерството за внатрешни работи во декември лани склучи договор за јавна набавка со фирмата „Квантум“ од Скопје заедно со германската компанија „ЕХА Хофман интернационал“. За оваа цел, МВР ќе потроши 2,29 милиони евра (141,6 милиони денари) во период од три години, колку што предвидува договорот за набавката.
Според договорот објавен на страницата на електронскиот систем за јавни набавки, се набавуваат четири вида двојни налепници според големината и тоа:
- со димензии 99×42 милиметри за кои набавната цена на чифт налепници изнесува 35, 4 денари (основна цена 30 денари плус ДДВ од 5,4 денари),
- со димензии 85×40 милиметри цената ќе биде 41,3 денар. (основна цена 35 плус ДДВ од 6,3 денари)
- со димензии 53×37 милиметри по цена од 35,4 денари (основна цена 30 денари плус ДДВ од 5,4 денари и
- со димензии 48×18 милиметри по цена од 29,4 денари (основна цена 30 денари плус ДДВ од 4,5 денари).
Набавката, како што стои во договорот, ќе се реализира сукцесивно според потребите што ќе ги утврди МВР, а првата испорака треба да почне 30 дена од потпишувањето на договорот, односно на почетокот на јануари.
Обврската за користење на кодот NМК наместо МК на регистарските таблички на возилата во државава произлезе од одредбите на Преспанскиот договор со Грција.