МВР: Поднесена e кривична пријава против возачот кој го возел Палевски до Турција

Единицата за насилен криминал – Одделение за крвни и сексуални деликти при СВР Скопје до Основното јавно обвинителство Скопје вчера поднесе кривична пријава по брза постапка против С.Д., поради постоење основи на сомнение дека сторил кривично дело помагање на сторител по извршено кривично дело, по чл.365 од Кривичниот законик, соопштуваат од Министерството за внатрешни работи.

– Имено, С.Д. се сомничи дека во временскиот период од 01 до 03.12.2023 му помогнал на Љ.П., кој е осомничен за сторени кривични дела „грабнување” по член 141 и „убиство” по член 123 од Кривичниот законик, дека со патничко возило „ленд ровер“, со струмички регистарски ознаки, сопственост на правно лице со седиште во Струмица, го земал Љ.П. од Белград, Р. Србија и го однел во Р. Турција, со цел да избега и да се сокрие од органите за прогон во Република Северна Македонија, стои во денешното соопштение од МВР.

Станува збор за лицето Стефан Димковски од Струмица, за кого судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје вчера го прифати предлогот на Обвинителството, и му одреди 30-дневен притвор. Притворот му е одреден поради можност од бегство.

Прочитајте и:  Сослушан возачот што го превезе Палчо до Турција, Кешишов го сменил првичниот исказ

Основното јавно обвинителство Скопје, претходно соопшти дека е донесена наредба за спроведување истражна постапка за возачот на Палевски.

Оттаму информираа дека за уште едно лице кое беше задржано во полициска станица до ОЈО Скопје е доставено известување, а јавен обвинител оценил дека во овој момент не постојат законски основи да бидат предложени мерки на обезбедување, меѓутоа проверките за негова евентуална инволвираност во кривично-правен настан продолжуваат.

Станува збор за адвокатот на Палевски, Васко Стојков, кој изјави дека тој лично го однел Палевски во Белград, на преглед, бидејќи немал возило.

Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември беа пронајдени мртви во близина на Велес и Скопје на 3 декември.

За нивното убиство засега се осомничени шест лица, од кои пет се во притвор, а првоосомничениот се чека да биде екстрадиран од Турција.

- Реклама -