Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство интензивно ги следат сите изјави и коментари на социјалните медиуми поврзани со случувањата во Украина и согласно своите законски надлежности ќе преземат кривичен прогон против сите сторители кои со своите објави и јавно изнесени ставови ќе одобрат или оправдаат геноцид, злосторства против човечноста или воени злосторства – порачаа денеска двете институции, укажувајќи дека тоа претставува кривично дело предвидено во членот 407-а од Кривичниот законик.
МВР и ЈО ги повикаа граѓаните кои ќе забележат вакви случаи, истите да ги пријавуваат на мејлот cybercrime@moi.gov.mk, со цел соодветно да биде постапено.
„Законот предвидува дека тој што по пат на информациски систем јавно ги негира, грубо ги минимизира, ги одобрува и оправдува ваквите дела, ќе се казни со затвор од една до пет години. Ако делото е сторено со намера за поттикнување омраза, дискриминација или насилство против некое лице или група на лица поради нивната национална, етничка или расна припадност или верска определба, сторителот ќе се казни со казна затвор од најмалку четири години. Во членот 404 од Кривичниот законик, пак, прецизно е наведено што опфаќа поимот воено злосторство против цивилно население“, се посочува во соопштенијата на МВР и Јавното обвинителство.