МВР го потврди нападот врз претседателот на ФФМ – извршителите не биле маскирани

Засега не се познати причините за нападот, а од МВР велат дека преземаат мерки за пронаоѓање на напаѓачите и расчистување на случајот

Министерството за внатрешни работи (МВР) го потврди нападот врз претседателот на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Муамед Сејдини кој денеска доцна попладне се случил пред ресторан во Скопје.  

Управната зграда на Министерството за внатрешни работи / Фото: Архива

Од МВР за „360 степени“ информираат дека Сејдини нападот го пријавил во 18:40 часот, а лицата кои го извршиле не биле маскирани.  

Засега нема информација за причините за нападот, а од МВР велат дека преземаат мерки за пронаоѓање на напаѓачите и расчистување на случајот.  

„На 27.09.2024 околу 18.40 часот М.С. (55) од Кичево, пријавил дека пред угостителски објект во Скопје бил физички нападнат од неколку лица, кои при нападот немале маски на главите, по што се оддалечиле. Се преземаат мерки за пронаоѓање на напаѓачите и за расчистување на случајот“,

велат од Министерството за внатрешни работи. 

Оттаму засега нема потврда на информациите кои се појавија во јавноста дека покрај Сејдини било нападнато уште едно лице кое било во негова придружба. 

Претходно од Службата за односи со јавност на ФФМ потврдувајќи го случајот за „360 степени“ изјавија дека првиот човек на Федерацијата бил нападнат од неколку непознати лица додека излегувал од ресторанот каде имал состанок.  

„Во моментов претседателот на ФФМ е во полиција. Напуштајќи го ресторанот каде имал состанок бил нападнат од непознати лица облечени во дуксери“,

ни изјавија од Службата за односи со јавност на Фудбалската федерација на Македонија.  

Оттаму не можеа да кажат повеќе детали за случајот, како и за здравствената состојба на Сејдини, односно дали напаѓачите му нанеле посериозни повреди. 

Рекоа дека тоа ќе биде познато по завршувањето на процедурите во полицијата и по лекарскиот преглед. 

- Реклама -