MV AGUSTA F3 800 – Екстра-лесниот суперспортист со супербајкерско срце

Прекрасната серија F3, која ја постави MV Agusta на врвот на суперспорт 600 класата, сега отвора нова страница. Прекрасниот дизајн, минималната тежина, првокласните компоненти и трицилиндерското срце сеуште остануваат знак за распознавање, но едицијата 800 оди чекор погоре, понудувајки повеќе сила и техника во истото перо-лесно пакување.

Иако идејата за врвен суперспортист, кој е лесен и агилен и кој во себе носи супербајк срце давајки дополнителна сила, не е нова, сепак инженерите на MV Agusta успешно ги обединија „двата света”. Компактните димензии, малото меѓуоскино растојание, ниската тежина и прекрасниот дизајн кои гарантираат извонредно управувњае, се директно преземени од F3 675, се разбира “појачани” со новата суспензија и предната моноблок радијална сопирачка шема.

Околу циклистиката и сопирачките ќе се навратам подоцна, а она што направи најмногу разлика е секако агрегатот. Токму мудрото градење на агрегатот на новиот F3 800 го издигнува над сите досегашни обиди за фузија на суперспортист и супербајк. Добропознатиот трицилиндричен агрегат кој со себе го носи интелегентниот компромис помеѓу вртежниот момент на двоцилиндерските агрегати и линеарноста и „желбата” за високи вртежи на четирицилиндерците, остана технички непроменет, задржувајки ја тежината на минималните 52 kg, а добиена е поголема зафатнина од 798 cm3 и се разбира повеќе сила со продолжување на одот на клиповите. Оваа промена секако донесе нови 20 коњски сили повеќе во однос на 675 (148 KS -128 KS) и употребливи 88 Nm, кои имаат задача да ги „туркаат” истите 173 kg. Сепак, техничкиот брилијант донесе напредок онаму каде што најмногу е потребно, подобрувајки го односот сила-тежина од 1.17 kg/KS во споредба со 675-та која има 1.35 kg/KS.

За прецизно водење и пренесување на зголемената ергела на асфалтот се погрижи предниот 43 mm-ски телескоп од Marzochi и задниот моноамортизер од Sachs, се разбира подесиви по сите параметри. Зголемената сила доби и посериозни сопирачки, а Brembo доби задача да ги изработува предните моноблок клешти кои ги гризаат 320 mm-те дискови. Фино подесување доби и управувачката електроника MVIICS која го обединува надзорот и контролата на работењето на Ride-By-Wire системот и контролата на тракција, понудувајки три предефинирани мапи на работа и можност за “програмирање” на персонализирана мапа.

Можноста новото чедо на MV Agusta да го најдете во салоните по предодредената цена од околу 14.000 Евра треба да проверите во Динамикс.

- Реклама -