Од 6 до 9 јуни во Националната опера и балет, Младинскиот културен центар и Кинотеката на Македонија, се одржа годинешното издание на ОФФ Фест, кое ги собера некои од најзначајните музички имиња од светот, во можеби најдобрата фестивалска програма на фестивалот во последните години. Постетителите во овие неколку фестивалски вечери имаа можност да уживаат во едно неповторливо музичко и културно искуство кои ги понуди фестивалот кој несомнено се издигнува како еден од најсилните културни настани во регионот. ОФФ Фест годинава го отворија две големи имиња на африканската музика: BOMBINO, еден од најзначајните претставници на прославениот „пустински блуз“, и јужноафриканските ѕвезди BCUC. Во четирите фестивалски дена настапија и холандскиот секстет BOI AKIH, во комбинација со оригиналниот и моќен звук на француско-етиописката супер-група KUTU, гитаристот VICENTE AMIGO, фуриозниот полски гудачки квинтет VOŁOSI со својот оригинален микс на рок, џез, етно, амбиент и филмската музика, домашните нео-фолк миленици во подем KALATA, како и познатиот српски world music колектив NAKED. За впечатоците од годинешниот ОФФ Фест, за убавата светска музика пред скопската публика и за плановите за Скопје Џез 2024, разговаравме со Костадин Шурбановски – Шурбе.
Tрн: Со 8 концерти, два документари филма и музика од целиот свет, заврши годинешното 23. издание на ОФФ Фест . Кои се првичните впечатоци од фестивалот?
Шурбе: Впечатоците треба да ги соопшти публиката, не организаторот. Ние се трудиме на нашиот човек да му ја доближиме музиката на светот, и тоа не било која туку најдобрата во моментот, претставувајќи ја на високопрофесионално, светско ниво, како од програмски, така и од технички и организациски аспект. Одгласите на новинарите и публиката што допираат до нас се исклучително позитивни, што ни дава дополнителен мотив да продолжиме натаму и воедно претставува доказ дека сме на вистинскиот пат.
Tрн: Базичниот концепт на фестивалот е да биде фестивал на големи ѕвезди. Чиј концерт би го издвоиле годинава како особено интересен за публиката?
Шурбе: Секако дека најголемата ѕвезда на ОФФ Фест годинава беше Висенте Амиго, најдобриот фламенко гитарист денес. Оттаму, не е некое изненадување дека токму неговиот концерт предизвика најголемо внимание кај публиката, а и најсилен аплауз по неговото завршување. А концертот беше… посебен, еден од оние што долго ќе се паметат. Но, не помалку возбудливи и интересни беа и останатите концерти на фестивалот, навистина е неблагодарно да се издвои било кој од нив бидејќи апсолутно сите беа одлични.
Tрн: Намерата на фестивалот е да се собере квалитетна музика од целиот свет, но што конкретно беше во фокусот кога ја правевете селекцијата на годинешниот фестивал?
Шурбе: Нашиот фокус, уште од самите почетоци, беше и останува да ја приближиме музиката на светот, во своето најдобро издание, без никакви компромиси, до нашата публика, овозможувајќи ѝ едно несекојдневно моќно, инспиративно и РАЗЛИЧНО звучно искуство (впрочем, ова тесно кореспондира и со името на фестивалот: ОФФест). Од друга страна, космополитскиот дух, изразен преку музиката што се слуша на ОФФест, поттикнува на размислување, на преиспитување, на подигнување на свеста за вредноста и значењето на музиката од сите светски ќошиња, на отвореност кон други светови, „туѓи“ култури, традиции и созвучја. Чуда се случуваат на музички план во светот, а многу мал дел од тие чуда, за жал, допира до нас. Обременети сме и затворени во локалните проблеми, грижи, дневна политика, апатија и ординарни глупости. А музиката на светот е премногу богата и вибрантна за да биде игнорирана.
Tрн: Што значи ОФФ Фест за македонската публика и за македонската културна сцена?
Шурбе: И ова прашање веројатно треба да го одговори некој што се бави со следење и вреднување на проектите, на музичките движења и на состојбите на нашата културна сцена воопшто. Јас искрено се надевам, верувам, дека фестивалот игра значајна улога во одржувањето на интелектуалната кондиција и задоволувањето на културните потреби и афинитети на публиката, особено онаа што е љубопитна, отворена, што сака да биде (пријатно) изненадена, што ја избегнува предвидливоста, што е желна за впивање нови, свежи, поинакви звучни вибрации, идеи и тенденции. Од друга страна, не смееме да ја заборавиме и улогата на домашната музика, што е секако неодвоив дел од оваа приказна. Приказна којашто мора да биде двонасочна. Не постои релевантно име од македонската современа етно (и не само етно) сцена што нема настапено на ОФФест. Овој аспект го сметаме за извонредно значаен, бидејќи овозможувајќи им настап на локалните артисти, рамо до рамо со светски познатите имиња, ги ставаме во ситуација на „културен натпревар“, на свесност за своите квалитети, капацитети, што секако придонесува кон пообјективно, посериозно и попрофесионално разбирање на својот труд, творештво и конкурентност на светската музичка сцена. На добар дел од нив, користејќи ги контактите и познанствата со нашите европски колеги, фестивалот им помогнал и сè уште им помага да излезат надвор, да настапат на некои од најголемите европски world-music подиуми и фестивали, што, според нас, е клучно за нивниот развој и поширок пласман на нивното творештво.
Tрн: Каков интересот за фестивалот сега и низ годините?
Шурбе: Интересот за ОФФест е константно висок, со тоа што во последниве години, како последица на долгогодишните погрешни културни, образовни, економски и развојни политики во Македонија, партизираноста на општеството, сиромаштијата, криминалот и корупцијата, што придонесе кон масовно иселување на умни, отворени, едуцирани, чесни, правдољубиви, млади луѓе од земјата (а тоа е, всушност, потенцијалната публика на ОФФест), се чувствува неопходна потреба од вложување дополнителни напори и огромна енергија во одржувањето на постојната и регрутирање нова публика. А тоа воопшто не е лесна задача, особено во вакви непогодни општествени услови.
Tрн: Се адаптира ли фестивалот на вкусовите на македонската публика или публиката е таа која го следи светскиот тренд кој го наметнува фестивалот?
Шурбе: Никогаш не сме ја граделе програмската концепција на фестивалите што ги организираме слепо следејќи ги вкусовите на домашната публика. Напротив, без намера да звучам претенциозно, би рекол дека добар дел од нашата публика го гради, негува и развива својот музички вкус токму преку ОФФест и Скопскиот џез фестивал како своевидни музички светилници, репер за сè она што е естетски издржано, квалитетно и релевантно во современата музика денес. Се разбира, ограниченоста на буџетот нè принудува да ги сумираме нашите идеи, желби и приоритети, сведувајќи ги на најнеопходното, што од своја страна уште повеќе ги изострува критериумите за избор на артистите. Во исто време, фестивалите во наша организација уживаат висока репутација во Европа и светот, што ни е многу битно, секогаш го имаме и тој факт на ум при нивната подготовка.
Tрн: Листата на ученици на ОФФ Фест овие 23 години е импресивна. Кој настап за вас лично е особено драг и го паметите?
Шурбе: Уф, многу тешко прашање, невозможно е да издвојам само едно име, но ќе се обидам со неколку: Дејвид Брн, Родриго Леао, Кимо Похјонен, Сеун Кути, Мадредеуш, Даниел Варо, Тинаривен, Меркјури Рев, Мелинго, Пети Смит, Ли Скреч Пери, Мулату Астатке, Фатумата Дијавара…
Tрн: Може ли кратка најава за тоа што не очекува за неколку месеци на Skopje Jazz?
Шурбе: Програмата на 43. Скопски џез фестивал, што годинава ќе се одржи од 17 до 20 октомври, е речиси готова, во моментов се прецизираат последните детали и финеси. Наскоро ќе биде и објавена. Не би откривал сега имиња, но би нагласил дека наесен нè очекува уште едно исклучително силно, богато и возбудливо фестивалско издание.
Фотографии: Татјана Ранташа