Волтер Ејкрем, 13 годишно момче што живее во Ракестад, Норвешка, на враќање од училиште било престретнато од четири гладни волци. Она што го спасило од сигурна смрт, била музиката на Creed.
Момчето ја слушало песната Overcome од Creed на својот мобилен телефон, во моментот кога ги забележало волците што му го попречиле патот. Тој се решил да ја искористи моќта на музиката за да ги скроти ѕверовите, па ги извадил слушалките и ја зголемил гласноста на максимум. Волците едноставно се завртеле и заминале.
Кога го интервјуирале малиот Ејкрем, тој рекол дека волците не се исплашиле од музиката, туку едноставно си заминале.
Во Норвешка волците ги има во голем број. Обично не напаѓаат луѓе, но постојат забележани инциденти со напади. Присебното момче запомнило дека најлошото нешто што може да се стори во таква ситуација е бегањето, затоа што тоа го буди предаторскиот инстинкт кај ѕверките. И токму присебноста (заедно со моќта на музиката) е она што му го спасило животот.