„Болерото“ на Равел е музика со специфичен ритам, страсни и експресивни елементи. Исто како жената за која што е напишано – мистериозната и богата руска Еврејка, Ида Рубинштајн.
Ако на почетокот на минатиот век постоеле концепти како “модна икона”, “it girl”, “трендсетерка” или “хероина од жолта штампа”, Ида Рубинштајн несомнено би била сето тоа.
Нејзиниот живот, личен стил, необичен изглед и постапки биле познати и дискутирани низ цела Европа – од слепо обожавање до целосно негирање.
Ида се раѓа во Харков на 21 септември 1883 година во семејство на банкари. Нејзиниот татко умира кога таа има едвај девет години (мајка и четири години пред тоа) и наследува огромно богатство. По смртта на родителите Ида е одгледана во Петербург од страна на тетка и Мадам Хоровиц, која ја обожавала и се трудела да и овозможи што е можно подобро образование. Ида говорела течно четири јазици, имала развиен уметнички дух и одела на часови по балет и глума кај најголемите мајстори на својот занает. Не е чудо што кога созреала одлучила да стане актерка и заминала во Париз, за да се школува таму. Самата идеја дека една богата и добро образована девојка може да стане актерка била толку скандалозна што роднините на Ида во Париз ја прогласиле за ментално болна и се обиделе да ја сместат во лудница. Тетка и се вмешала повторно и ја повлекла во Петербург. Таму двете нашле идеално решение – она што не е пристојно за една девојка, нема како да и се забрани на мажена жена. Ида веднаш склучила брак со својот прв братучед – син на истата тетка и двајцата заминале на свадбено патување, од кое што се вратиле разделени и до крајот на својот живот живееле одвоено.
Сега ништо не ги попречувало плановите на Ида, а тие биле навистина големи. Парите со кои располагала и овозможиле да ги ангажира најпознатите автори, актери и композитори во тоа време, а многу од нив паѓале во заробеништво на нејзиниот шарм. Ида била многу висока и исклучително слаба, што никако не било модерно во тие времиња. Исто била бисексуална и на секаков начин ги нагласувала своите карактерни црти со кои станала миленичка во светот на уметниците и истомислениците. Секогаш била силно нашминкана, со нагласени веѓи и црвени усни. Толку била по своето време што ги маѓепсувала не само мажите, туку и жените. Секогаш се облекувала екстравагантно, со фустани со шлиц, кожи, огромни шапки.
Познатиот театарски уметник Лев Бакст ја нарекувал “митско суштество” и правел костуми и декори за неа во текот на целата нејзина кариера. Драматургот Габриеле Д’Анунцио ја обожавал, a композиторот Стравински бил меѓу нејзините најблиски пријатели.
Најголемиот успех и скандал во кариерата на Ида Рубинштајн е поврзан со претставата “Танцот на седумте превези”. Кореографот Фокин многу добро проценил дека силата на Ида не е во класичниот балет и измислил специјално за неа серија на пози и движења инспирирани од древноегипетските цртежи кои покажувале спектакуларни ефекти. Конечно на спектаклот Ида завршувала гола, само со неколку крупни монистри. Таа била првата балерина, која се осмелила да претстави еротски танц на големата сцена. Претставата забележала не само успех, туку апсолутен триумф во цела Европа. Иако не била професионална балерина и немала импресивен талент во оваа област, Ида Рубинштајн танцувала заедно со Ана Павлова и Нижински. Таа била миленичка на композитори како Дебиси, Равел, Стравински…
Сепак продолжението не било толку гламурозно. Таа имала сопствен театар и на сите изведби била во главната улога. Ида танцувала до поодминати години, што било смешно и тажно – очигледно мислењето на луѓето воопшто не ја интересирало. Никој и ништо не можело да ја запре, освен историјата …
Започнала војната и Ида побегнала од Париз во Лондон, каде работела како медицинска сестра во воена болница. По завршувањето на војната таа се насочила кон религијата, станала католик и по неколку месеци во годината живеела во манастир. Се разбира, облечена во специјално изработени мантии од бела свила. На нејзиниот гроб нема име, туку само иницијали – IR. Очигледно нејзината ексцентричност немала граници дури и кога станувало збор за смртта.
Кога Дијана Вријланд организирала во Метрополитен изложба на тема “Руската сезона”, поставила во центарот на изложеноста портрет на голата Ида Рубинштајн, нацртан од Валентин Серов. Парадоксално, но на изложба за мода, најпосетениот експонат бил едно голо тело…
Бидејќи Ида Рубинштајн умеела да покаже класа и стил дури и кога била гола. Таа била муза во светот на уметниците и личност целосно ослободена од стегите на општеството.