Муцунски: ВМРО-ДПМНЕ треба да учествува во техничката влада; Нема албанофобија, фобија има од поединци од ДУИ

„Крајната одлука за тоа дали ВМРО-ДПМНЕ ќе учествува или нема да учествува во техничката влада е одлука која што треба да се донесе од страна на органите на нашата партија. Тука мислам на Извршниот комитет на партијата и на Централниот комитет и очекувам дека во следните неколку недели, таква одлука ќе се донесе, односно ќе го види јавноста нашиот конечен став“, вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски, во неговото гостување на телевизија Алсат.

Муцунски посочи дека негово лично мислење дали ВМРО-ДПМНЕ треба да учествува во техничка влада е афирмативно, односно смета дека тоа е потребно од повеќе гледни точки.

„Прво анкетите на јавното мислење, но и секојдневната комуникација статистички ни покажува дека осум од 10 граѓани се незадоволни од правецот во кој што се движи Република Македонија, што значи дека тие граѓани очекуваат промени. За да им обезбедиме ние на граѓаните промени, да им обезбедиме демократски и фер изборен процес , сметам дека е потребно да влезе ВМРО-ДПМНЕ во институциите. Примарно, петте институции  во кои што ќе добие раководни позиции, за да можеме да гарантираме колку што има капацитети од гледна точка на надлежностите на тие органи на управата, дека изборниот процес ќе биде фер, кредибилен и граѓаните да може низ демократска призма да го изразат своето право на гласање“, рече Муцунски.

Тој посочи дека здраво е секоја партија да дискутира и да донесе одлука, по било кое прашање, во органите на партијата. За ДУИ вели дека во недостаток на концепт заради преобемната корупција која што, оцени, ја гледаме на секое поле, секој ден шират демагогија, посебно министерот за надворешни работи и потпретседател на партијата – Бујар Османи, кој што, како што посочи Муцунски, постојано зборува за албанофобија.

Не станува збор за албанофобија, туку за фобија од ДУИ, рече Муцунски, додавајќи дека тоа се однесува на одредени поединци од интегративците, а не на целата партија, затоа што, вели, и таму има луѓе кои ја сакаат државата и сакаат да придонесат за развој на државата.

„Факт е дека има сериозна колизија во вредносниот систем кој што ние го имаме како луѓе, со вредносниот систем кој што го имаат поединци на  во раководството на ДУИ за кои што гледаме сериозни сомнежи за корупција од кои што ние не можеме да видиме ниту еден конкретен проект важен за граѓаните во  државата, независно дали името на граѓанинот е Висар или Виктор, дали е Јеона или Јована, не гледаме напредок“, рече Муцунски.

За уставните измени и патот кон ЕУ, тој вели дека најголемата блокада е корупцијата и недостатокот на реформи.

Прочитајте и:  СДСМ: Новата сила и енергијата на Конгресот ја вознемири ДПМНЕ

„Доколку разговарате со претставници на голем број членки на ЕУ, тие во неформални разговори ќе ви кажат дека најголемата блокада која што Македонија си ја поставува на самата себеси е недостатокот од реформи, распространетата корупција на секое поле која што евидентно беше нотирана во најнегативниот извештај кој што Европската комисија го има дадено за Македонија“, рече тој, прашан дали ВМРО-ДПМНЕ е блокатор на европската иднина на Македонија.

Секојдневно гледаме неиспорачување на клучните реформи насочени кон владеење на правото, на борба против корупцијата, на реформа во правосудството, оцени тој.

„Македонија да беше успешна  земја, да чекореше напред позитивно кон патот на реформите, верувам дека немаше да дојдеме ни до ваква ситуација. Ние велиме дека треба на достоинствен начин (македонските национални интереси да бидат заштитени) Македонија да чекори напред кон евроинтегративниот процес, но притоа на никој начин да не биде оштетен националниот идентитет на Македонците кои што живеат во државава“, рече Муцунски.

Повтори дека ВМРО-ДПМНЕ има план и концепт како да го реализира членството во Европската унија, а истовремено да го заштити националното достоинство на Македонците.

„Имаме план, имаме концепт како тоа да го реализираме и верувам дека со дипломатија која што е насочена помалку кон самопромоција на личноста и градењето на култ на министерот за надворешни работи, туку дипломатија која што ќе биде насочена кон постигнување на политички резултати, посебно во комуникацијата со земјите членки, може да се постигне некое такво решение кое што ќе значи и заштита на националното достоинство на Македонците и успех во евроинтеграцискиот пат“, истакна потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Во однос на можните коалициски варијанти по евентуалната победа на изборите следната година, на кои, според Муцунски, сè поизвесно е дека ВМРО-ДПМНЕ ќе извојува убедлива победа, тој истакна дека посакуваната опција е ВМРО-ДПМНЕ да формира реформска влада која што, рече, ќе биде базирана на политики, влада која што ќе биде базирана на привлекување на странски директни инвестиции и на отворање на нови работни места.

„Време е идна коалиција со било кој субјект да се базира на политики и на тоа што можеме ние за да имаме успешно образование, да имаме јавно здравство кое што не ги тера нашите граѓани да трошат стотици и илјадници евра на месечна основа да се лекуваат во приватни клиники и надвор од нашата држава. Тоа е тоа, тоа е тој фундамент врз основа на кој треба да ја градиме идната влада“, заклучи тој.

- Реклама -