Мурињо: Немав намера да го навредам Пелегрини

’Специјалниот’ вели дека не сакал да го навреди Мануел Пелегрини кога заминал да го прослави победоносниот погодок на Фернандо Торес со фановите на Челзи кои седеа над клупата на Манчестер Сити.

’Сините’ вчера славеа над Манчестер Сити благодарејќи на недоразбирањето помеѓу Матија Настасиќ и Џо Харт, кои му овозможија на Фернандо Торес да постигне гол во завршните мигови од средбата за победа од 2-1 на Челзи.

Погодокот на ’Ел Нињо’, Жозе Мурињо го прослави во свој стил, ’Специјалниот’ беше во прегратка со фановите кои седеа над клупата на Манчестер Сити.

Мануел Пелегрини не беше задоволен од ваквиот потег на неговиот колега, па по последниот свиреж на судијата, одби да се ракува со Жозе Мурињо.

„Не очекував нешто поинаку од него” – рече Пелегрини. „Не се ракував со него, не сакав да го сторам тоа”.

Жозе Мурињо се извини за своето однесување, истакна дека немал намера да навреди никого и само се обидувал да го пронајде својот син, кој седел над клупата на гостинската екипа.

„Доколку тие чувствуваат дека сум направил нешто погрешно, се извинувам” – рече Португалецот. „Завршницата беше многу драматична“.

„Тој (Пелегрини) го загуби натпреварот во завршните мигови, и имам разбирање за тоа. Во други земји и други култури се ракуваме само пред натпреварот”.

„Во Мадрид, речиси никогаш не сум се ракувал по крајот на натпреварот, па не го сваќам ова како недостаток на почит“.

„Доколку тој беше тажен поради резултатот, го разбирам. Доколку беше тажен поради тоа што сум направил нешто погрешно, го прифаќам и тоа. Па нема никаков проблем”.

„Мислам дека кривицата треба да ја сноси Челзи, бидејќи сакав да купам сезонски билет за мојот син и клубот ми даде сезонски билет веднаш над клупата на противникот”.

„Потребно е да го променат и да ми дадат билет за седишта над нашата клупа. Се обидов да го побарам него, можам да го ветам тоа. Ќе видите дека и на следниот натпревар ќе биде таму”.

Текстот е објавен во соработка со 24Фудбал

- Реклама -