Муцунски од Брисел: Ќе продолжиме да работиме и да испорачуваме резултати, тоа е главното очекување од ЕУ

Во однос на т.н. „француски предлог плус“, односно усвојување на уставните измени со одложено дејство, министерот за надворешни работи посочи дека со претставниците на ЕУ се дискутирало и за дел од овие прашања и дека дијалогот со европските инситуции и со земјите членки ќе продолжи и натаму

Оценувајќи го денешниот ден за многу успешен, по средбите со европските челници во Брисел, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски изјави дека Владата ќе продолжи да работи и да испорачува резултати бидејќи тоа е главната порака дадена од Европската Унија.

Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија

„Дека од нас очекуваат резултати во делот на владеењето на правото, борбата со корупцијата, доброто владеење и сите оние политики каде што имаме сериозни недостатоци во државата“,

рече Муцунски и додаде дека на средбите во Брисел ја афирмирале посветеноста на Владата за продолжување на патот кон ЕУ.

Во тој правец, како што вели, е сето она конкретно и опипливо што го има направено Владата за помалку од три месеци, насочено кон исполнување на највисоките стандарди на ЕУ, како и она што го нуди како излезно решение за предизвикот кој го кочи процесот за откочување на пристапните преговори на земјата со Унијата. 

Во однос на т.н. „француски предлог плус“, односно усвојување на уставните измени со одложено дејство, министерот посочи дека со претставниците на ЕУ се дискутирало и за дел од овие прашања и дека дијалогот со европските инситуции и со земјите членки ќе продолжи и натаму.

„Секако, тоа што го зборуваме јавно го зборуваме и на сите овие состаноци, а тоа е дека очигледно постои предизвик создаден од лоши одлуки носени во минатото. И ќе повторам, ние работиме прво на заштита на нашиот национален интерес за да имаме предвидлив пат кон полноправно членство, а второ и на заштита на политиката на проширување. Веруваме дека со добра верба, добра волја и конкретни решенија може да се најде излез од секој предизвик којшто постои“,

потенцира Муцунски. 

Дека на денешните состаноци со европските претставници била нагласена заложбата на Владата за брзо зачленување на земјата во ЕУ изјави и министерот за европски прашања Орхан Муетезани, кој заедно со Муцунски го придружуваше премиерот Христијан Мицкоски на неговата работна посета на Брисел. 

„Тоа го докажавме со тоа што во владината програма меѓу првите приоритети е членството на Северна Македонија во ЕУ, меѓутоа и со брзото усвојување на реформската агенда која што е дел од Планот за раст”,

вели Муртезани.

Премиерот Христијан Мицкоски претходно денеска од Брисел изјави дека државата не може повеќе да прифаќа ултиматуми и дека евроинтеграциите треба да се засновани на достигнувањата, а не на билатерални прашања.

- Реклама -