Муцунски: На седумте амбасадори им завршува мандатот, течат консултации и наскоро ќе почне процес на именување нови амбасадори

На седумте отповикани амбасадори им завршува мандатот и ова е редовна процедура при завршување мандат на амбасадори, согласно Законот за надворешни работи. Така што ова не е вонредно враќање или консултации, туку завршување на редовен мандат на амбасадори, изјави денеска шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски во одговор на новинарско прашање на заедничката прес-конференција со актуелниот претседавач на ОБСЕ, министерот за надворешни работи и трговија на Малта, Јан Борг.

-Во врска со именување нови амбасадори и главни конзули, во моментов тече процес на консултации помеѓу претседателката, премиерот и мене, и очекувам наскоро да почнеме со процес на именување на нови амбасадори, секако земајќи во предвид квалитетите и квалификациите на лицата кои што ќе ги именуваме, и еден од приоритетите за побрзо именување нов амбасадор е секако нов амбасадор во НАТО, бидејќи мандатот на амбасадорот Дане Талески завршува веднаш после новогодишните празници, информира Муцунски.

Во однос на амбасадорите Љубомир Фрчкоски во ОН, Андреј Жерновски во Букурешт и Весел Мемеди во Рим, Муцунски рече дека амбасадорот Фрчкоски поднесе оставка, но тоа, додаде, не значи дека тука се завршени процесите околу внатрешна ревизија за финаниското работење, бидејќи, рече, тоа е сосема друго прашање.

-Во врска со амбасадорот Жерновски, и амбасадорот Мемеди се водат внатреши процедури во рамките на Министерството за надворешни работи, во согласно со Законот за надворешни работи и соодветно ќе бидете информирани кога ќе завршат тие процедури. Формално правно амбасадорот Мемеди е се уште амбасадор. Формално правно, амбасадорот Жерновски никогаш не ни станал амбасадор во Букурешт, бидејќи нема предадено акредитивни писма, додека Фрчкоски е амбасадор во оставка, појасни Муцунски.

Прочитајте и:  Македонија и ЕУ потпишаа Договор за партнерство за безбедност и одбрана

Со указ на претседателката Гордана Сиљановска Давкова со укази се отповикани седум амбасадори од функција, кои се објавени вчера во Службен весник.

Како што може да се види од објавените укази, станува збор за повлекување на амбасадорите на Северна Македонија во НАТО, Дане Талески, на Данчо Марковски од Албанија, на Фатон Бејта од Данска, на Сали Лимани од Казахстан и од Катар на амбасадорот Шабан Јашари.

Отповикани се и амбасадорката Теута Агаи Демјаха, која е шефица на Постојната мисија на Северна Македонија во ОН во Женева и амбасадорката при Светата Столица во Ватикан, Марија Ефремова.

Согласно указите, мандатот на Талески во Постојаната делегација на Република Северна Македонија при НАТО, со седиште во Брисел престанува заклучно со 14 јануари, 2025 година, а на останатите амбасадори заклучно со 30 ноември, годинава.

Указите стапуваат во сила со нивното објавување во Службен весник, а ќе ги изврши министерот за надворешни работи и надворешна трговија.

- Реклама -