Муцунски ја презеде функцијата министер за надворешни работи од Османи, функцијата градоначалник ја предаде на Дејан Митески

Во Министерството за надворешни работи денеска беше извршено примопредавање на функцијата меѓу новоименуваниот министер Тимчо Муцунски и досегашниот министер Бујар Османи.

Од МНР информираа дека Османи му посакал успех на Муцунски во реализацијата на активностите на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, а Муцунски порачал дека во периодот што следи акцентот ќе биде ставен на забрзување на евроинтегративниот процес на земјава, стратешкото партнерство со САД, како и привлекувањето странски инвестиции.

– И покрај многуте предизвици, со посветена работа и решителност ќе бидат постигнати зацртаните цели во предвидената програма за работа на Владата, истакнал Муцунски на средбата.

Претходно, Муцунски му ја предаде функцијата градоначалник на Општина Аеродром на Дејан Митески, кој ќе биде новиот в.д. градоначалник на Општината.

Во објава на Фејсбук, Муцунски порача дека Аеродром останува во рацете на вреден и посветен човек, кој во минатото преку својата позиција како претседател на Советот, давал сериозен придонес во функционирањето и развојот на општината.

Прочитајте и:  Македонија и ЕУ потпишаа Договор за партнерство за безбедност и одбрана

– Голема благодарност до граѓаните на Аеродром и до општинската администрација за целата поддршка и соработка во изминатиот период, напиша Муцунски на својот фејсбук профил.

Митески на Муцунски му посакал успешна работа како министер за надворешни работи, со желба за искрена соработка и во иднина.

– Сакам да изразам огромна благодарност до претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за довербата која ми ја даде, но и до сите граѓани за искрената поддршката, а јас можам да ветам дека со голема посветеност и упорна работа заедно со вработените во општината ќе продолжиме со реализација на уште голем број значајни проекти за уште подобар и поубав Аеродром, објави Митески на Фејсбук.

- Реклама -