Муабети со Буковски

15e3b9137841cfc228e6f6a4eb2d682f[1]

Во 1987 година, Чарлс Буковски (1920 – 1994) дава интервју за својот добар пријател Шон Пен, за магазинот Interview Magazine. Буковски како Буковски, одговара колку што може понеконвенционално.

ЗА ПИШУВАЊЕТО

Кога пишувам краток расказ, јас го пишувам од аспект на силувач кој силува девојче. А луѓето ме обвинуваат за тоа. Ме интервјуираат и ме прашуваат: „Дали ви се допаѓа да силувате мали девојчиња?“, а јас одговарам: „Секако дека не. Јас само го фотографирам животот“.

Си заработив непријатности со многу од моите дела. Од друга страна, непријатностите продаваат повеќе книги. Ама во крајна сметка, кога пишувам, јас пишувам за себе. [Повлекува долг дим од цигарата] Така е. Димот е за мене, а пепелта е за пепељарата… Е, тоа е публикувањето.

Никогаш не пишувам преку ден. Тоа е исто како да трчаш низ трговски центар со спуштени гаќи. Секој може да те види. Ноќе… тогаш сета моќ ти е во рацете… тоа е магија.

ЗА (ЛУИС ФЕРДИНАНД) СЕЛИН

Првиот пат кога го читав Селин, легнав во кревет со кутија бисквити Ritz. Почнав да читам и да јадам бисквити, и да се смеам, и продолжував да ги јадам бисквитите. Ја прочитав целата новела одеднаш. А кутијата со бисквитите – празна, човече. Па станав и пиев вода. Требаше да ме видиш, Шон. Не можев да мрднам. Ете што ќе ти направи добриот писател. Безмалку ќе те убие… како и лошиот.

ЗА ШЕКСПИР

Шекспир е досаден и преценет. Ама луѓето не сакаат да слушнат такво нешто. Знаеш и сам, не е дозволено да напаѓаш светилишта. Шекспир е вгнезден во главите на луѓето со векови. Можеш да кажеш за овој или оној актер дека не чини, ама не смееш да го кажеш истото и за Шекспир. Колку подолго едно нешто е присутно, толку повеќе снобови се закачуваат за него, како пијавици. Кога снобовите ќе почувствуваат дека нешто е безбедно, тие се закачуваат за тоа нешто. Во истиот момент кога ќе им ја кажеш вистината, тие полудуваат. Не можат да ја прифатат. За нив, тоа е директен напад врз нивниот сопствен мисловен процес. Одвратни ми се.

ЗА СЛАВАТА

Таа е уништувач. Таа е курвата, кучката, деструктивецот на сите времиња. Јас ја имам на најзгодниот можен начин, бидејќи сум познат во Европа, и непознат тука. Јас сум еден од најголемите среќници наоколу. Среќно куче сум ти јас. Славата е навистина ужасна. Таа е мерка на скалата на медиокритетниот мозок. Славата е бескорисна. Одбраната публика е многу подобра опција.

ЗА ОСАМЕНОСТА

Никогаш не сум бил осамен. Имам стоено во една соба искушувајќи ги самоубиствените нагони. Сум бил и депресивен. Сум се чувствувал и ужасно – ама ужасно надвор од секакви општоприфатени идеи за ужасно – но никогаш не сум чувствувал дека друг човек може да влезе во таа соба и да го излекува тоа што ме мачи… или дека неколку луѓе можат да влезат во таа соба и да променат нешто. Со други зборови, осаменоста е нешто што никогаш не ме загрижувало, бидејќи јас отсекогаш сум ја имал онаа посебна дарба да бидам сам. Се случувало и на забави или на стадиони, полни со воодушевени луѓе, да чувствувам осаменост. Тука ќе го цитирам Ибзен: „Најсилните луѓе се најосамени“. Никогаш не сум мислел „Ех, сега да дојде една убава плавуша, да ме изебе и да ми ги ‘протркала топките’ – и ќе ми биде многу добро“. Не, тоа нема да помогне. Знаеш како мисли рајата: „Леле, денес е петок вечер, што ќе правиме? Нема белки само да стоиме тука, нели?“. Всушност, да, ќе стојам. Бидејќи надвор реално нема ништо. Тоа е глупост. Глупави луѓе се мешаат со други глупави луѓе. Да ги оставиме нека глупават заедно. Никогаш не ме мачела потребата да ја зграпчам вечерта. Јас се криев во баровите, зашто не сакав да се кријам во фабриките. Тоа е сé. Жал ми е за сите овие милиони луѓе, но јас никогаш не сум бил осамен. Јас се сакам себе си. Јас сум најдобрата форма за забава, со која располагам. Дај уште вино!

ЗА УБАВИНАТА

Нема такво нешто како убавина, особено во човечкото лице… Тоа што го нарекуваме физиономија… сето тоа е математичко и вообразено подредување на цртите. Демек, ако носот не се издвојува премногу, страните на лицето се пропорционални и во чекор со модата; ако меките делови на ушите не се доволно големи, ако косата е премногу долга… Тоа е некаква општа илузија. Луѓето прогласуваат дадени физиономии за убави, но всушност, во крајна сметка, не се. Вистинската убавина“ доаѓа сосема природно, од карактерот. А не од начинот на кој се поставени веѓите. А за она мноштво од жени за кои ми имаат речено дека се убави? По ѓаволите, па да гледаш во нив е сеедно како и да гледаш во чинија супа. 

ЗА ГРДОСТА

Нема такво нешто како грдост. Има деформитети, ама грдост не постои. Веќе реков.

ЗА ЦИНИЗМОТ

Секогаш ме обвинуваат дека сум циничен. Мислам дека цинизмот е како кисело грозје. Мислам дека цинизмот е слабост. Цинизмот вели: „Сè е збркано. Се е наопаку! Гледаш ли? Ова не е правилно, она не е правилно“. Цинизмот е онаа слабост, која не им овозможува на луѓето да се прилагодат на она што се случува во моментот. Да, цинизмот дефинитивно е слабост, како што е оптимизмот.Сонцето сјае, птиците пеат, смејте се“. Ова се, исто така, тешки глупости. Вистината е некаде во средината. Какво е, такво е. Ако не си спремен да го прифатиш… полошо за тебе.

ЗА АЛКОХОЛОТ

Алкохолот е веројатно едно од најголемите нешта што му се случиле на овој свет… заедно со мене. Да, тоа се двата најголеми настани за кои знае Земјата. И затоа… ние одиме заедно. Алкохолот е исклучително деструктивен за повеќето луѓе. Јас сум, просто, исклучок. Сé што сум создал во мојата работа, сум создал додека сум бил пијан. Дури и со жените, Шон, секогаш сум бил воздржан во љубовниот чин, но алкохолот ми помогна да бидам сексуално послободен. Алкохолот е олеснување, бидејќи во принцип сум срамежлив, повлечен човек, но алкохолот ми дозволува да бидам оној лик кој чекори низ времето и просторот, правејќи сите овие смели нешта… Така што, јас го сакам… Да!

ЗА ПУШЕЊЕТО

Јас обожавам да пушам. Пушењето и алкохолот взаемно се балансираат. Се будиш по тешко пијанство и си пушел цела ноќ, па продолжуваш да пушиш, а прстите на рацете ти се толку жолти, види (покажува кон Шон Пен), како да си носел ракавици… дури кафени, и тогаш си велиш: “Ех, мамата… како ли ми изгледаат белите дробови!

ЗА ХРАБРОСТА

На повеќето т.н. храбри луѓе им недостасува имагинација. Како да не можат да замислат што би се случило ако нешто тргне наопаку. Вистински храбрите ја надминуваат нивната имагинација и го прават тоа што треба да се прави.

ЗА ВЕРАТА

Верата е убаво нешто за оние кои ја имаат. Само не ми ја припишувајте мене. Имам повеќе верба во мојот водоводџија отколку во вечното постоење. Водоинсталатерите завршуваат важна работа. Благодарение на нив, срањата истекуваат во канализацијата.

ЗА КОНВЕНЦИОНАЛНИОТ МОРАЛ

Може и да не постои пекол, но оние кои судат можат и да го создадат. Сметам дека луѓето се преучени. Имаат вложено премногу учење на тоа поле. Треба да ги откриваш нештата според тоа како тебе ти се случуваат, според тоа како ти реагираш. Тука ќе ми треба да искористам еден чуден термин.. „Добро. Не знам од каде доаѓа, но чувствувам дека тенденција кон доброто има во секој од нас. Не верувам во Бог, но верувам во таа добрина, која е како труба, која поминува низ нашите тела. Таа добрина може да се потхранува. Секогаш е магично кога на еден прометен автопат, непознат човек ти прави место за да се престроиш во друга лента… тоа ти дава надеж.

ЗА ТОА ДА СЕ БИДЕ ИНТЕРВЈУИРАН

Тоа е како да си приклештен во агол. Прави да се чувствуваш непријатно. Па и јас не секогаш ја кажувам целата вистина. Сакам да се заигрувам и да се шегувам, или да дезинформирам само заради лична забава. Значи, ако сакате да ме запознаете, никогаш немојте да читате интервјуа. Сé тоа игнорирајте.

- Реклама -