Насината соларна сонда Parker го сруши рекордот на сондата Helios 2, која во 1976 година му се приближи на Сонцето на далечина од 43 милиони километри. Parker постави нов рекорд и се наоѓа поблиску до Сонцето од било кое вселенско летало досега (направено од човек, за вонземјани не гарантираме).
Сондата Parker, која беше лансирана во август, ќе продолжи да му се приближува на Сонцето, а веќе следната недела би требало за прв пат да прелета низ неговата корона – надворешната Сончева атмосфера, на далечина од 24 милиони километри од површината на нашата ѕвезда.
Во рамки на својата мисија, сондата Parker во следните 7 години дури 24 пати ќе му се приближи на Сонцето, а најблиското прелетување ќе биде на далечина од „само“ 6 милиони километри.
Parker, патем, сруши уште еден рекорд, и тоа брзински. Во текот на ноќта ја надмина рекордната брзина од 247.000 километри на час, поставена исто така од Helios 2.
🔥🔥🔥#ParkerSolarProbe has just become the closest-ever spacecraft to the Sun! It's now within 26.55 million miles of the solar surface. 🔥🔥🔥 https://t.co/vNCayJyelF pic.twitter.com/4gnDUea3e2
— NASA Goddard (@NASAGoddard) October 30, 2018