Во рана 1943-та, Алијансата почна да се собира на брегот на Северна Африка, со намери да се префрли во Европа. Силите на Оската веќе покриваа голем дел од континентот, па паралелно со напорите на Советите на источниот фронт, беше неопходно отварање на нов, за да се подели фокусот на нацистичките сили. Сојузниците знаеја дека мораат од некаде да навлезат во Европа, но „тврдините“ на силите на Оската беа силни и цврсти, добро организирани и пред сé – бројни. Сепак, во јули и август 1943 година, Сојузниците ја нападнаа Сицилија. Операцијата траеше 6 седмици и заврши со многу помалку жртви отколку што се очекуваше. Што се случи?
Алијансата знаеше дека директен обид за инвазија врз нацистите ќе биде еднаков на легнување на лента со моторна пила – затоа им требаше диверзија со која ќе ги одвлечат силите на Оската некаде на друга страна. За да го постигнат ова, полковникот Чарлс Чолмондели од Кралските воздухопловни сили на Велика Британија и полковникот-командант на Кралската морнарица – Ијан Монтагу, сковаа план да прикачат лажни планови и скици за инвазија на мртво човечко тело и да се погрижат тоа тело да падне во германски раце.
Прво, потребно беше тело. Се разбира, да се побара тело од блиските на некој тазе починат не беше најдобар план, особено што ќе заради нужноста да протечат одредени информации за инвазијата, па Чолмондели и Монтагу се решија за телото на еден 34-годишен бездомник од Велс, кој се имаше самоубиено неколку седмици претходно јадејќи отров за глувци. Телото на Глиндер Мајкл (така се викаше мртовецот) стоеше замрзнато во лондонската мртовечница со недели, па беше јасно дека немаше многу блиски кои беа заинтересирани за неговото исчезнување или за погребување на неговото тело. Значи, супер, телото беше набавено.
Следниот чекор беше да се создаде приказна. Глиндер Мајкл, мртов бездомник од Велс, стана Мајор Вилијам Мартин од Кралските маринци, во комплет со лажни писма напишани од неговиот лажен татко и лажна свршеница, лажни неплатени сметки, лажни клучеви, билети и секако – лажните планови за инвазијата. Ранкот „мајор“ беше доволно висок за да се биде сигурен дека Германците ќе го сфатат сериозно и да поверуваат дека е можно да му биле доверени доверливи документи, а доволно низок за да неговиот идентитет да остане релативно непознат во воената хиерархија.
Документите беа ставени во актовка која буквално со окови беше прикачена за мртвото тело. Во актовката имаше писмо од наводните воени авторитети во Лондон, наменето за британскиот офицер во Тунис, во кое беа изложени планови за напад на Грција и Сардинија.
Така, телото и приказната беа подготвени, по што „Вилијам Мартин“ беше натоварен на една британска подморница која отплови за Медитеранот. Метата, според Би-Би-Си, беше еден наивен германски шпиун – Адолф Клаус – кој оперираше околу јужниот брег на Шпанија. Подморницата го ослободи телото и документите близу Шпанија, каде што беше пронајдено од рибарски чамец и предадено на шпанските власти.
Технички, Шпанија беше неутрална во Втората светска војна, но добро познато е дека имаше многу наци-симпатизери во редовите на војската и владата, кои му беа благонаклонети на Хитлер. Откако телото беше подметнато на шпанците, британската влада се преправаше дека очајно сака да го добие телото назад, сé со цел да ја подгрее идејата дека документите што телото ги носеше беа екстремно важни. И покрај „огромните напори“, Шпанците го предадоа телото на германските авторитети, а документите завршија на бирото на Хитлер, како што беше планирано. Целата документација и приказната околу Вилијам Мартин беа толку убедливи, што Хитлер премести илјадници трупи и тенокви во Грција, дозволувајќи им на Сојузните сили релативно едноставна инвазија на Сицилија, која пак потоа доведе до брза победа и на крајот – пад на Мусолини.
Звучи како да е филмско сценарио, така? Па, во голема мера е. Еден од мозоците зад операцијата (наречена Operation Mincemeat) беше подоцнежниот креатор на Џејмс Бонд – Ијан Флеминг, кој тогаш служеше како асистент на директорот на службата за поморско разузнавање на британската морнарица. Самиот тој подоцна призна дека идејата ја „украл“ од една детективска новела која ја имал прочитано. По војната, Ијан Монтагу напиша и книга за приказната, која подоцна се претвори во филмот The Man Who Never Was (1956).