МПС: Со неговото однесување и вокабулар, Апасиев воопшто не ја претставува пратеничката функција

„Со неговиот речник и вокабулар, пратеникот Апасиев воопшто не ја преставува пратеничката функција“, реагираат од Македонскиот Полициски Синдикат (МПС), откако пратеникот на Левица на социјалните мрежи раскажа како, според него, му бил нарушен пратеничкиот имунитет од страна на полициски службеник.

„Имено, господине Апасиев, сте биле сопрен од страна на УНИФОРМИРАН ПОЛИЦИСКИ СЛУЖБЕНИК👮‍♀️👮, а не од ‘Џандар’ при вршење контрола над безбедноста во сообраќајот.

За тоа како се вработил во Министерството за внатрешни работи и како се образувал за ПОЛИЦАЕЦ, не е Ваше да коментирате, бидејќи во Министерството за внатрешни работи постојат точно утврдени правила за тоа“, се вели во реакцијата на МПС.

Понатаму, од МПС порачуваат:

„Согласно правните прописи, Униформиран полициски службеник врши контрола во сообраќајот при што превентивно и репресивно постапува согласно утврдената фактичка состојба на терен.

‘Тресењето на возилото’ е ПРЕГЛЕД, а не претрес, за што Вие како ‘добар познавач на правото’ треба да ја знаете разликата. Последиците од непостапување по наредба од Униформирани полициски службеник исто така вие, како ‘добар познавач на правото’, треба ги знаете.

Дали и како се однесувал полицискиот службеник – за тоа ќе си утврди соодветната служба на МВР“, продолжуваат од синдикатот.

Револтирани од тоа што Апасиев се дрзнал да ѝ држи лекции на полицијата, од МПС поделија и неколку лекции за тоа како Апасиев, според нив, треба да се однесува како пратеник, па и како личност:

„Вашето однесување како Пратеник, Вашиот вокабулар, а особено непознавањето на Вашите обврски и права кои произлегуваат од Вашиот пратенички мандат, како и неоснованото повикување на пратенички имунитет, ја отсликува Вашата личност“.

Од МПС, потоа, му објаснија на Апасиев што значи неговиот пратенички имунитет:

„Кога сме веќе кај Вашиот Имунитет на кој се повикавете, еве ние ‘џандарите’ да Ви дадеме бесплатна лекција по ПРАВО:

🚩 Уставниот имунитет на кого сте се повикале не ве ослободува ниту од прекршочна, ниту од кривична одговорност.
🚩 Член 64 од Уставот на Република Северна Македонија на кого се повикувате гласи:
🚩 Пратениците уживаат имунитет.
🚩 Пратеникот не може да биде повикан на кривична одговорност или да биде притворен за искажано мислење или за гласање во Собранието.
🚩 Пратеникот не може да биде притворен без одобрување на Собранието, освен ако е затечен во вршење кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години.
🚩 Собранието може да одлучи да се примени имунитет над пратеник и кога тој самиот не се повикал на него, ако е тоа потребно заради вршење на функцијата пратеник.
🚩 За време на мандатот пратениците не подлежат на обврска во вооружените сили.
🚩 Пратеникот има право на надомест утврден со закон.

Прочитајте и:  Мециновиќ: Со малограѓански сценарија пратениците од ВМРО-ДПМНЕ сакаа да избегнат одговори на прашањата поставени од Левица

Вие како пратеник уживате материјален и формален имунитет.

Материјалниот имунитет е заштита од кривично гонење за искажано мислење во Собранието, односно пратеникот неможе никогаш да одговара за кажан збор од говорница или за гласање во собраниска постапка.

Формалниот имунитет го штити пратеникот од притвор освен ако не е затечен при извршување на кривично дело за кое е предвидена казна од најмалку 5 години затвор, како што е наведено во член 64 од Уставот на Република Северна Македонија

Службената легитимација, господине Апасиев, не е документ за ослободување од прекршочна или кривична одговорност. Истата е документ за утврдување на идентитет и функција“, се вели во реакцијата.

Од МПС, притоа, ги повикаа сите нивни членови, но и сите  други вработени во МВР,  да не потклекнуваат на вакви притисоци“ и да ги извршуваат своите задачи согласно позитивните законски прописи во Република Северна Македонија. Тие, како Македонски полициски синдикат, будно ќе ги следат сите напади кон нивните членови и воопшто кон сите вработени во МВР и навремено и аргументирано ќе реагираат, порача претседателот на МПС – Марјан Кицев.

- Реклама -