МПЦ-ОА откупи пет хектари земјиште во Пјаченца, Италија
Договорот беше потпишан помеѓу митрополитот европски Пимен и монсињор Адријано Чеволото, бискуп на епархијата на Пјаченца и Бобио. Имотот, чие вредност изнесува 800 илјади евра, ќе се исплаќа во наредните 20 години, а ќе остане во трајно владение на Македонската православна црква – Охридска архиепископија.
„Овој црковен простор ќе биде центар на македонската култура, јазик и традиција. За нашите иселеници, овој простор значи можност да ги крштеваат своите деца, да организираат венчавања, да прославуваат настани и да придонесуваат за опстојувањето на црковната заедница. Чинот на предавање од страна на бискупот Адријано Чеволото е силна порака за братската љубов и солидарност меѓу Католичката црква и МПЦ-ОА, што дополнително го зајакнува угледот на македонската заедница во Италија“, велат од епархијата.
Овој настан претставува значаен чекор напред во зацврстувањето на присуството и мисијата на Македонската православна црква во Европа, како и потврда дека македонскиот јазик, вера и традиција ќе продолжат да живеат и да се пренесуваат на идните поколенија, информира Европската епархија.




