Мозокот си прави автокорекција

Мозокот си прави автокорекцијаКако што тврдат научниците, само околу 10% од мозокот на човекот е јасно како функционира. Многумина истражувањата во мозокот ги споредуваат со истражувањата во вселената заради тајните кои се кријат во него. Други пак ги споредуваат со компјутерите и компјутерските мрежи.

Една истражувачка група, која ја предводел д-р Петар Шифел (Petar Scheiffele) од Институтот “Biozentrum” при Универзитетот во Базел, разоткрива еден досега непознат факт и тврди дека може да го докаже и да го документира процесот на воспоставување на невронските мрежи во мозокот.

На почетокот од својот развој, велат тие, мозокот креира безброј нервни конекции за кои подоцна тој самиот утврдува дека се погрешни, а подоцна тие врски тој самиот ги елиминира, ги уништува. Користејќи генетски модел на глушец, истражувачите употребувајќи напредни микроскопски техники го испитувале развитокот на церебелумот – дел на мозокот кој е одговорен за контрола на фините движења, рамнотежата и мускулниот тонус, а кој е попознат како мал мозок. Притоа откриле дека постои протеин 4 (BMP4), кој традиционално е поврзан со развитокот на коските, а кој во исто време е одговорен и за исправање на погрешно создадените невронски мрежи и помага да се создадат нови соодветни кои адекватно ќе ги поврзат невроните во малиот мозок.

Прочитајте и:  Три најздрави намирници за мозокот, според лекарите

Малиот мозок има многу важна и прецизна улога која овозможува мозокот влезните сензорски информации да ги прими и да ги конвертира во точен моторен одговор кој претставува излезна информација. Во малиот мозок постојат два вида на ќелии: Пуркињиеви и зрнести ќелии. Влезна група на влакна во малиот мозок треба да креира врски само со зрнестите ќелии. Меѓутоа, истражувачкиот тим утврдил дека овие влакна многу често по грешка создаваат и врски со Пуркињиевите клетки и тоа во раниот развиток на мозокот.

Овие „неточни“ врски потоа се елиминираат во тек на краток временски период, но ако остане некоја подолго тоа се рефлектира како проблем, пред сè во движењата. Исто така тимот тврди дека и аутизамот може да биде резултат на вакви погрешно создадени врски. За среќа природата го создала коскениот морфогенетски протеин 4 (BMP4), кој помага што побрзо да се исправат грешките, вршејќи еден вид автокорекција на мозокот.

Оваа статија е преземена од списанието за наука и техника ЕМИТЕР

- Реклама -