Можеше ли Хитлер да биде уметник?

Тоа на сликата се Хитлер и другарчето му Мусолини, во 1940-та година. Препознавате ли некоја уметничка душа на сликава? Ни академиите не препознале.

Во „неговата борба“ (Mein Kampf, aka. „Мојата борба“), Хитлер пишува дека во младоста во Виена имал аспирации да стане уметник. Академијата за уметности на двапати одбила да го прими, еднаш во 1907, а вторпат во 1908 година. Идниот диктатор тогаш имал 18 години.

Професорите во школата за делата на Хитлер милувале да речат дека се „крајно лишени од ритам, боја, чувство или спиритуална имагинација“. Ги споредувале со архитектонски скици со прецизни детали, ама ништо повеќе од тоа. Еден од учителите по уметност дури и му сугерирал на Хитлер да се запише на архитектура.

На младиот Хитлер тоа не му се допаѓало. Студирање архитектура значело дека ќе треба да преполага предмети во училиштето кое веќе го напуштил – опција што немал намера да ја прифати. Наместо тоа, а по затворените врати на Академијата, Хитлер почнал да се движи меѓу арт кафеата во Виена, во надеж дека некој од уметниците ќе го земе за да го подучува. Никој не се понудил. Хитлер пробувал да врзе крај со крај цртајќи и продавајќи стотици разгледници, но и тој бизнис му пропаднал.

Несудениот уметник бил разочаран, благо речено. Наместо неговите амбиции да ги претвори во уметност, тој сега бил во ситуација да ја бара смислата на својот живот. И додека така потиштен лутал низ улиците на урбаната виенска сиромаштија, Хитлер почнал да ја поприма антисемитската мантра на залудените граѓани и кралот Франц Јозеф I – таа дека богатите Евреи го таложат целото богатство на Австрија само за себе. Така, камената студеност на уметничките кругови и животот во сиромаштијата токму во формативните години на Адолф, вродија со разурнувачката омраза по која денес го знаеме Фирерот.

А што ако го примеа во Ликовна академија? Толку ли бил неталентиран?

Хитлер научил да црта и слика сосема сам, без никакво формално образование. Учителите го критикувале дека не црта доволно глави во својата уметност, а експертите го критикувале дека повеќе копирал традиционални слики отколку што создавал своја уметност. Иако тоа е точно – дека Хитлер копирал многу од техниките на постоечката уметност, неговата основна техника на креирање светло и длабочина во сликите била релативно солидна за негова возраст. Не дека Хитлер бил скриен генијалец, ама со малку подучување можел да биде добар, па и повеќе од тоа.

Сé на сé, Хитлер во својот живот има создадено над 2.000 слики. Повеќето од нив биле уништени или изгубени како последица на Втората светска војна.

* * *

Ова се некои од сликите што се зачувани.

^ Ова е Alter Hof (стариот суд) во центарот на Минхен, насликан од Хитлер во 1914 година. Идилична сцена од градот, да, ама без луѓе.

Погледнете ја сликата подобро. Хитлер искористил неколку различни бои, и се обидува точно да ја долови светлината од сонцето – изворот на светлина доаѓа од лево (видете ги сенките). Сепак, сенките од оџаците на покривот се погрешни, ама затоа фонтаната и дрвото изгледаат тридимензионални и покрај тоа што им фалат детали во преден план, и претставуваат рамка за главниот објект на сликата.

^ „Haus am See“. Сликата изгледа како прекрасна сцена од Австрија во лето. Доле десно е потписот на Хитлер. Иако перспективата на малата куќа во однос на огромните планини во позадината е на место, сепак критичарите истакнуваат дека Хитлер и овде го покажува својот недостаток од детали.

^ „Hofbrauhaus“. Уште една архитектонска слика на Хитлер; оваа е од Минхен наместо Виена. Сепак, стилот е сличен на другите згради што ги сликал во Австрија. Учителите пак би рекле дека доаѓа до израз неговата репетиција и прецизност, ама и недостаток на имагинација.

* * *

Како и да е, последиците од Првата светска војна имале длабок ефект врз Хитлер. Тој не можел да поверува дека големата (фигуративно) Германија – татковината на неговите претци, страда од таква деструкција, пораз и опоравување од војната. Се заколнал дека Германија веќе никогаш нема да потклекне во пораз во борба против друга светска сила. За среќа, не го исполнил ветувањето.

Haus Mit Weissem Zaun. Негова слика од куќа разурната во Првата светска војна.

Овие четири слики се само мал дел од вкупниот ликовен опус на Хитлер. Иронично, неговите слики вредат многу повеќе денес, по неговата смрт, отколку кога бил жив. Тоа е клетвата на најголемиот дел од уметниците низ историјата, но во случајот на Хитлер веројатно има повеќе врска со тоа што се работи за самиот Хитлер – еден од најголемите тирани што светот го познава.

Една негова слика во 2014-та се продаде за 161.000 долари, а во 2015-та колекција од 14 слики се продаде за 450.000 долари. Замислете што можел Хитлер да направи со толку пари во Виена во младоста. Ќе бил кремот на уметничката сцена во градот. И можеби ќе бил лош уметник, ама можеби светот ќе имаше далеку помирна историја. Ех Адолфе, ако само имаше повеќе детали во сликите…

 

- Реклама -