Можеле ли сите Југословени да си дозволат да одат на одмор на Јадранско?

Април 1988: На едно четиричлено семејство за 10 дена одмор на Јадранско Море во приватно сместување со оброци и такса за престој ќе му бидат потребни најмалку сто стари милиони! Превозот, кафето, соковите, сладоледот не се пресметани, а со оглед на тоа што ни претстои мајско „одмрзнување на цените“, не треба да се сомневаме дека и за тоа ќе биде потребна полно ќесе пари.

И Грција, досегашната Мека за југословенските туристи, стана недостижна, иако цените таму се дупло пониски отколку кај нас…

Кој сака својот годишен одмор летово да го помине на нашиот убав син Јадран, ќе мора да подготви вреќа пари! Само еднодневен престој на четиричлено семејство, и тоа на поскромен начин, ќе чини цела една просечна плата! Секако, без превоз и останати ситници како што се соковите, кафето, сладоледите, овошјето…

Вака накратко би можел да гласи извештајот за неодамна изминатата туристичка берза во Сараево, на која со години традиционално за првпат се соопштуваат цените за претстојната летна туристичка сезона. Од табелата може многу брзо и едноставно да се види што се ја сочинува споменатата цена. Меѓутоа, може да се види и дека нема хотелски цени. Лесно е да се каже причината.

Иако претставниците на одредени хотелиери и агенции нѐ убедуваа дека ценовниците ќе се појават најдоцна до крајот на април, склони сме кон неверување бидејќи очигледно е дека сите ја чекаат средината на мај и „одмрзнувањето“, па дури по поројот кој настанува секогаш по топењето на ледот и разните калкулации, да излезат на виделина. Кои ли ќе бидат тие цифри може само да се претпостави, но од овие веќе видените боли глава!

Но, за да добиете вистинска мигрена, ќе го споменеме и следниот детаљ: под табелата од речиси сите цени кои им се понудени на нашите широки народни маси стои напомена дека хотелите, туристичките агенции и туристичките организации го задржуваат правото на измена на цените.

Па сега, ко воли, нек изволи!

Пократок престој

Очигледно е дека на море ќе има значително помалку Југословени отколку лани. Животниот стандард, кој се спушти на ниво од пред 20 и повеќе години, го принудува секое просечно југословенско домаќинство повеќе од 70 отсто од приходите да ги потроши само на исхрана.

Од каде му тогаш стотици стари милиони за да оди на море, на летување? За падот на интересот отворено зборуваат и туристичките работници. Имено, ова лето на Јадранот се нудеа 20 милиони пансионски денови, а побарувачката е за четвртина помала.

Освен тоа, се намалува и бројот на денови кои домашните туристи сакаат да ги поминат на море, на помалку од девет. Ако се земе предвид и фактот дека и интересот на странците за нашата земја е помал бидејќи конкурентите од Медитеранот, Шпанците, Грците, Италијанците, Турците… нудат и за 20-30 отсто пониски цени од нашите, а многу поатрактивен одмор, тогаш навистина чудно е зошто не се понудило нешто поповолно за домашните гости. Особено ако се знае дека тие се тие кои секогаш ваделе костени од жар. Меѓутоа, по дознавањето на овие цени, се сомневаме дека тоа ќе може да го направи и ова лето.

Која е логиката, на пример, за употреба на кујна дневно по лице да се плаќаат 2.000 динари? На едно четирилчено семејство за 10 дена само за тоа му се потребни 80.000 динари. А дали за тоа време навистина се троши толку електрична енергија? Сигурно дека не, бидејќи кога станува збор за готвењето, тоа претежно се врши на шпорети на плин. Не веруваме ни дека постојано вклучениот бојлер за 10 дена може да „изгори“ толку електрична енергија, особено затоа што претставници на туристичките агенции ни кажаа дека од година во година сѐ повеќе туристи, кои се сместуваат приватно, се жалат дека газдите им ги исклучуваат бојлерите или велат дека се расипани, па се капат со ладна вода.

За цените за кревет и да не зборуваме, но мораме бидејќи сме сведоци дека повеќето газди не само што ги исклучуваат бојлерите, туку за 10-15 дена никогаш и не влегуваат во собите на гостите да ги исчистат или доброволно да ја сменат постелнината. Тоа го прават дури откако гостите ќе инсистираат, иако се должни секоја недела да ставаат чиста постелнина. А 30-40 стари милиони само за спиење за четиричлена фамилија навистина не се малку.

Целата статија на Факултети.мк

- Реклама -