Можеби гледате во првиот човек што ќе стапне на Марс

alisa1

„Кога Алиса беше мала, се сеќавам, дојде и ме праша дали луѓето некогаш биле на Марс. Ѝ објаснив: ‘не, но твојата генерација ќе биде генерацијата што ќе оди на Марс“, раскажува таткото на сега 15-годишната девојка, која оттогаш со полна пареа работи на тоа таа да биде првата од својата генерација што ќе стапне на Црвената планета.

Вели дека за одењето на Марс се заинтересирала кога имала 3 години. Решена е тоа да го направи по секоја цена.

„Ако опцијата беше да одам на Марс и никогаш да не се вратам, јас сепак ќе сакав да одам и да бидам дел од мисијата“, вели Алиса.

„Кој би знаел дека ќе растам дете кое го поддржувам да ја напушти оваа планета“, вели таткото.

„На децата постојано им се вели дека можат да станат што и да сакаат да бидат, но Алиса го слушнала тоа, ама и има прифатено дека ќе мора да работи многу, многу напорно за да стигне таму каде што сака да биде“, раскажува нејзината професорка по математика.

alisa4

А резултатите само го потврдуваат тоа. Алиса е најмладата што дипломирала на Академијата за напредна вселена, најмладата што е прифатена да студира на куп други академии, таа е првата што ги комплетирала сите НАСА кампови ширум светот, најмладата што учествува во вселенски обуки во кои обично учествуваат луѓе со докторати, најмладата со положени  вселенски тестови и со сертификати од вселенски обуки… Да не одиме до бескрај, доволно е да се знае дека Алиса има дозвола за ракета, а уште не стигнала ни до возраст за да полага за возачка. Притоа учи на 4 јазици – француски, шпански, кинески и англиски, и буквално прави сé што може за нејзиното резиме да отскокнува кога ќе се разгледуваат кандидатите за мисијата на Марс.

alisa3

А мисијата веројатно ќе се случи во често споменуваната 2033-та, бидејќи тогаш Марс ќе биде најблиску до Земјата во последниве илјадници години, а Сонцето ќе зрачи најмалку радијација.

Тоа значи дека татко ѝ мора да се помири со тоа дека ќе ја има уште помалку од 20 години, а потоа ќе мора да го истрпи нејзиното отсуство. Досега не му оди од рака, што се гледа и од солзите што веднаш му потекуваат штом се спомне темата. Сепак, вели дека мора безусловно да ја поддржува Алиса во остварување на сонот. „Морам да ја пуштам. Тоа што таа сака да го направи е поголемо од нас двајцата. Ама тоа е неверојатно тешко“. Во меѓувреме, тие гледаат максимално да ги искористат годините што им преостануваат.

„Не мислам дека има нешто што мене посебно ми олеснува или нешто што другите ги спречува да го прават ова, едноставно тоа е само нешто на што јас навистина се имам фокусирано дека сакам да го достигнам“, вели Алиса.

alisa2

A планот за Марс е да се тераформира практично во втора Земја. Нашава ја уништуваме, и ако човештвото не најде нов дом, ќе биде осудено на пропаст. Алиса знае дека вселената е страшно опасно место и дека на патот кон Марс ја чекаат огромни ризици, но е сигурна дека вреди да бидат преземени.

Да беше некоја година помлада или постара, тешко дека нејзината возраст ќе одговараше за планираната мисија во 2033. Но вака, смета татко ѝ, судбината ѝ зборува дека ѝ е пишано да биде најмладата што ќе отпатува во вселената и можеби да стане Алиса во Земјата на Марс.

- Реклама -