Може ли паричка што паѓа од облакодер да те убие?

Веројатно сте го слушнале митот дека фрлена монета од облакодер може да убие некој од минувачите доле на земјата, ако го удри по главата. Треба ли тие минувачи да се параноични и да ги избегнуваат тротоарите до таквите облакодери?

Според научните студии, дури и ако паричка фрлена од врвот на облакодер како Емпајр Стејт Билдинг те погоди во главата, повеќе од веројатно е дека ќе поминеш неповреден.

Теоријата е тестирана во новата книга насловена „И потоа сте мртви“, напишана од Коди Касиди и Пол Доерти. Тие откриваат дека ако турист кој се наоѓа на 102-тиот кат на Емпајр Стејт Билдинг, пушти паричка, таа нема да се забие како куршум во главата на некој од минувачите. Наместо тоа, паричката ќе отскокне од главата на жртвата, која, пак, нема да почувствува ништо повеќе од малку тапа болка.

Според авторите на книгата, тоа е така затоа што монета од еден цент, на пример, има гранична брзина од само 40 км/ч, што значи дека таа ќе се врти и ќе ја забави брзината за време на падот.

Дури и потешки предмети, како бејзбол топка, на пример, исто така не би предизвикале ненадејна смрт. Тоа е така бидејќи најверојатно топката би го удрила минувачот со брзина од околу 150 км/ч, што е доволно за да му причини лош потрес на мозокот, ама не е доволно за да го убие.

Сепак, има причини поради кои минувачите околу високите згради треба да бидат внимателни. Според авторите на книгата, ако пенкало со мастило, т.е. перо со метален врв, погоди некого во главата, тоа би се покажало фатално. Пресудна во овој случај ќе биде формата на врвот на перото, кој најверојатно ќе го пробие черепот на жртвата и тоа ќе доведе до ненадејна смрт.

Во книгата се разгледани и други опасни, а малку веројатни ситуации, како на пример што би се случило ако ве обземе црна дупка, или се скинат сајлите на лифтот и започне да паѓа.

- Реклама -