Може ли дрвјата да го прочистат воздухот?

Загаденоста на воздухот започна да станува глобален проблем, со големо влијание врз здравјето на човекот, а во Македонија секоја нова година зазема се’ пострашни димензии.

Можеби науката нуди поединечни, некои од нив футуристички решенија за прочистување на воздухот, сепак, ништо не може да ја замени моќта на природата. Моќта на само едно дрво!

Да започнеме од наједноставната поврзаност на дрвјата, климата и воздухот преку размената на гасови во природата. Хемискиот процес на фотосинтеза, е многу важен биолошки процес, бидејќи преку неа се создаваат органски материи значајни за сите живи организми.

Со фотосинтезата дрвјата си создаваат храна, при што апсорбираат јаглероден диоксид (CO2) од атмосферата, а ослободуваат скапоцен кислород (О2) за живите суштества.

Овој процес е многу важен на глобално ниво, во контекст на борба против климатските промени, но исто така и на локално ниво, за подобрување на квалитетот на воздухот, што е особено важно во урбаните области каде многу луѓе живеат во област со многу моторни возила и машини кои користат кислород, а испуштаат јаглероден диоксид.

Едно дрво може да произведе околу 145 килограми кислород годишно, што е доволно за двајца возрасни.

Но, дрвјата прават многу повеќе од ова. Тие играат суштинска улога и во прочистувањето на воздухот. Со својата крошна, ги пресретнуваат и задржуваат честичките што го носат воздухот, кои подоцна се измиваат со дожд и завршуваат во почвата. Дрвјата, исто така, го прочистуваат воздухот од ниските слоеви на озонот (О3), кој се смета за загадувач на земјиното ниво и неговите честитки се штетни за вдишување. Покрај тоа, дрвјата го ослободуваат воздухот од гасови како што е јаглероден моноксид (високо отровен), азотен диоксид (предизвикува кисели дождови) и сулфурен диоксид (задушлив и токсичен, плус предизвикува кисели дождови).

Едно дрво може да апсорбира околу 3.400 литри дождовница за една година.

Сиот овој процес се одвива преку отворите на листовите на дрвото – наречени стоми, и покрај јаглеродниот диоксид, исто така, апсорбираат од наведените гасови и ги задржуваат на различни начини.

Едно дрво може да апсорбира и филтрира повеќе од 4.5 килограми загадувачки материи и честички годишно.

Правилно засадено дрво, кое прави сенка на зграда или куќа, може значително да ги намали трошоците за ладење на просториите во летните месеци. Ова е одлично за домашниот буџет, но исто така и за квалитетот на воздухот, бидејќи енергијата за ладење преку климатизери се добива главно со согорување на фосилни горива.

Познат е методот на садење листопадни дрвја на јужната страна од зградите и куќите, така што круната на дрвото ќе создава ладовина во лето, а по паѓањето на лисјата да ги пропушта сончевите зраци во зима. Затоа, правилниот распоред на дрвјата при садење е од суштинска важност.

- Реклама -