Дали може ли да се обнови имунолошкиот систем?

Може ли да се рестартира имуниот систем?Имунитет е способност на организмот да се брани од бактерии и вируси. Се прават голем број истражувања за да се пронајде начин за обновување и рестартирање на имунитетот, кога од разни причини имунолошкиот систем ќе падне. Прочитајте го текстот за да дознаете дека сето тоа функционира многу слично како и вашиот PC.

Како што е познато, главна задача на имунолошкиот систем е одбрана на организмот од бактерии и вируси. Во остварување на оваа задача заеднички дејствуваат голем број различни крвни клетки познати под заедничкото име леукоцити, како и некои регулациони супстанции, како што е факторот за раст, материи кои ги лачат овие клетки. Леукоцитите, всушност, се различни типови на клетки во армијата на имунитетот.

Секоја клетка има различна задача во битката: некои ги откриваат непријателите, некои ги ослабуваат со усовршени хемиски материи како оружја, некои ги уништуваат непријателите, а некои, пак, расчистуваат по битката. Така, со нивното заедничко дејствување се создава прва одбранбена линија која мошне тешко може да се пробие ако системот е во добра состојба.

Но, како што старееме имунолошкиот систем е сѐ послаб, а со тоа и одбраната, се разбира, пред сè, како резултат на намалениот број леукоцити во целина или  ако некоја група на клетки не ја врши задачата како што треба, целиот систем е помалку ефективен или, поинаку кажано, системот паѓа.

Со истражувања и експерименти е утврдено дека покрај стареењето постојат и други фактори кои, исто така, можат да ја намалат способноста на имунолошкиот систем, фактори кои му оневозможуваат на системот да ги победи болестите.

Еве некои од поважните предизвикувачи за паѓање на системот:

  • Негативни чувства и депресија – истражувањата покажуваат дека среќните луѓе имаат подобар имунитет
  • Лоша и неурамнотежена исхрана – недостиг од материи (на пр., витамини Б6, Ц и Е, есенцијални масни киселини, железо, цинк и други), како и храна различна од онаа во сопствената земја на која е навикнат организмот
  • Елементи од опкружуважето – промени во квалитетот на воздухот, загадувањето, екстремни и чести промени на температурата, височински промени и промени на временски зони
  • Недоволно спиење
  • Стрес

Бидејќи имунитетот е многу важен за квалитетот на одбраната на организмот и за добро здравје, се прават голем број истражувања во насока да се пронајде начин за обновување и рестартирање на имунитетот кога тој од разни причини ќе падне. Во досегашните истражувања научниците откриле дека имунолошкиот одговор на бактериската инфекција е значително поразличен кај млади и стари глувци.

Така, на пример, кај старите глувци реакцијата на имунолошкиот систем била многу послаба, а при тоа е утврден намален број на макрофаги, клетки кои се најважни во борбата со бактериите. Според нив, намалениот број на овие одбранбени клетки е причина за ослабување на имунолошката фукција на организмот. Како што организамот старее, ова е поизразено.

Во продолжение на истражувањата, научниците од HCI вршеле испитувања врз млади глувци на возраст од два-три месеци, како и на глувци постари од дваесет месеци, што одговара на старост од 70 до 80 години кај човекот. Тие сакале да дознаат кои сè и какви сè промени се одвиваат во имунолошкиот систем кај старите глувци при инфекција со бактеријата Steptococcus pyogenes. Оваа бактерија предизвикувала тешки и опасни инфекции кај постарите, додека помладите глувци значително лесно се справувале со инфекцијата.

Прочитајте и:  Колку јајца можете да јадете на ден ако имате висок холестерол?

Старите глувци умирале и кога биле заразени со многу помал број бактерии. Интересно е и тоа што имунолошкиот систем кај глувците, но и кај луѓето, чува податоци за секој непријател (бактерии или вируси) кој го победил, создавајќи таканаречени антитела. Тоа значи дека тој може да ги уништи микробите многу бргу ако влезат повторно во телото пред тие да се размножат и да ве разболат (ве потсетува ли ова на вашиот компјутер, компјутерските вируси и антивирусните програми?).

Со цел да се зголеми имунолошката отпорност, истражувачите од овој тим на старите глувци во експериментот, на нивните макрофаги, им додавале фактор на растење, материја која е многу важна при создавање на макрофагите, но исто така и за зголемување на нивната одбранбена функција. Реакцијата била одлична, а имунитетот значително се подобрувал. Тимот смета дека можеби на повидок е решение на проблемот кога системот ќе падне и е неефикасен.

Ако заклучокот е дека имунитетот е многу важен за нашето здравје, доаѓаме до прашањето како може да си го подмладиме, да го подобриме или да го рестартираме и на друг природен начин.

Постои ли начин да го сочуваме и да не му дозволиме да падне? Еве неколку совети и препораки од врвни имунолози, кои можат да помогнат:

  • Употреба на методи за опоравување на имунитетот со балансирање на товарот од работните обврски
  • Хидротерапија, масажа, повремено вежбање со послаб интензитет и друго
  • Добро балансирана исхрана со многу овошје и зеленчук, витамин Ц и цинк. Избегнување храна која е потенцијално во допир со многу луѓе (на пр., непакуван леб, отворени садови со ореви, лешници, кикирики и сл.)
  • Земање таблети и разни други суплементи со одредени дефицитарни материи, но со препорака од лекар
  • Намалено изложување на штетни организми: миење и сушење на рацете за да се спречи ширење на вируси и бактерии
  • Намалување на стресот: научете како да се релаксирате, слушајте музика, читајте, грижете се за вашите миленичиња, дружете со пријателите, шетајте, смејте се, најдете си хоби…..

Сето ова може да придонесе да го подобрите, да го сочувате или да го рестартирате вашиот имунитет и да се чувствувате, пред сè, здраво, но и да си го продолжите животот. Научници од Helmholtz Centre for Infection (HCI), како и од многу други научни и истражувачки центри во светот, во меѓувреме работат на пронаоѓање нови терапии и начини за реализирање на оваа цел.

Оваа статија е преземена од списанието за наука и техника ЕМИТЕР

- Реклама -