Москва: Испраќање меѓународни мировни сили во Украина би било „многу непромислено“

Москва, 23 март 2022 (МИА) – Официјална Москва денеска го осуди „непромислениот“ предлог на Полска за испраќање меѓународни мировни сили во Украина и предупреди дека тоа може да доведе до директен конфликт меѓу руските војници и силите на НАТО.

Полска минатиот петок соопшти дека официјално ќе поднесе предлог за мировна мисија во Украина на следниот самит на НАТО.

Запрашан за иницијативата, портпаролот на Кремљ – Дмитриј Песков, истакна дека „тоа би била многу непромислена и крајно опасна одлука“.

Тој за време на конференцискиот повик им рече на новинарите дека секој можен контакт меѓу руските и силите на НАТО „може да има јасни последици што би било тешко да се поправат“.

Прочитајте и:  Белоусов: Украинската воена кампања за 2025 година пропадна

Лидерот на полската владејачка партија, Јарослав Качински, минатата недела во Киев оцени дека „е неопходно да се има мировна мисија на НАТО и можеби некои пошироки меѓународни структури, но одбранбена мисија која ќе дејствува на украинска територија“.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска, исто така, го критикуваше предлогот во својот говор пред студентите и професорите на Московскиот државен институт за меѓународни односи.

„Тоа би бил директен конфликт меѓу вооружените сили на Русија и на НАТО, кој сите не само што се обидоа да го избегнат, туку рекоа дека во принцип тоа не треба да се случи“, додаде шефот на руската дипломатија.

- Реклама -