Москва ги повика државните службеници да купуваат руски и кинески автомобили

Руската влада денеска објави список на автомобили произведени во државата што им се нудат за купување на владините службеници, и сите се руски или кинески марки, јавија западни медиуми.

Кинеските производители на автомобили добија пазарен удел на рускиот пазар по повлекувањето на брендовите како Рено и Нисан.

Кремљ им нареди на високите функционери вклучени во подготовките за претседателските избори во 2024 година да престанат да користат Apple iPhone поради стравувањата дека уредите се ранливи на западните разузнавачки служби. Ова денеска го објави весникот Комерсант.

Министерството за индустрија и трговија објави дека списокот на автомобили е наменет за употреба од државни и општински службеници за службени цели по инструкција на претседателот Владимир Путин.

Прочитајте и:  Британија сега е директно вклучена во војната во Украина, вели рускиот амбасадор во Лондон

„Домашните компании до денес веќе имаат произведено широк асортиман на модели со различни технички карактеристики и опрема (шест марки и над 20 модели) што можат да ги задоволат потребите на вработените на различни нивоа“, велат од Министерството.

Сите производители на автомобили се обврзаа да го зајакнат производството преку специјални инвестициски договори со владата, додаде одделот.

Руските автомобили на листата вклучуваат пет модели на Лада произведени од најголемиот руски производител на автомобили Автоваз, како и УАЗ, Аурус, Москвич и електричните автомбили „Еволут“.

Списокот вклучува и пет модели на кинескиот производител на автомобили Хавал, кој од 2019 година произведува автомобили во фабриката во регионот Тула, на 200 километри од Москва.

МИА

- Реклама -