Москва се проби меѓу пазарите со најголем раст на услугите за споделување на автомобилски превоз (ride sharing) во светот. Главните причини се поскапувањето на паркингот, но и недостатокот од паркинг места.
Москва има 12.5 милиони жители и еден од најзакрчените сообраќаи во светот (постојано е во врвот, а до скоро беше и рекордер). Градските власти, за да ја намалат закрченоста, но и за да ги натераат граѓаните повеќе да пешачат, да возат велосипед или да користат јавен превоз, решија, покрај поскапувањето, и да го намалат бројот на паркинг места. Тоа натера илјадници Московјани да бараат „алтернативни“ начини на превоз.
Па така, сега бројот на споделени автомобилски патувања и „споделени автомобили“ (кога во автомобил патуваат повеќе лица кои инаку би патувале сам по сам) во Москва е искачен на минимум 30.000 дневно, и тоа само во периодот од јануари до септември, соопштуваат градските власти. Според проценките на американската инвестициска банка JP Morgan – просечната бројка есенва во Москва се движела околу 60.000 споделени патувања дневно.
Тоа е огромен скок, посебно кога во предвид ќе се земе фактот што во цела 2016 година во Москва имало вкупно 45.000 споделени возења.
Со ова Москва се искачува меѓу најразвиените светски градови по бројот на „споделени автомобили“ по глава на жител, покажува истражувањето на JP Morgan, анализирано и од Reuters. Лани во Москва стапката на „споделено возило“ по жител изнесувала 1 на 5.000. Во меѓувреме стапката е зголемена на 1 на 1.082 жители. За споредба, водечки во светот е Вашингтон, со стапка од 1 споделен автомобил на 692 жители.
Според градските власти на Москва, во следните пет години, со оглед на мерките, се очекува стапката на споделени автомобили по глава на жител да се искачи на 1 на 500 жители.
Во Русија, патем, работат 15 компании специјализирани за споделување на автомобилски превоз, меѓу кои Delimobil, Yandex.Drive, BelkaCar и YouDrive.
Како и кај нас, и во Русија сé уште поседувањето на автомобил се смета за статусен симбол и показател на успех, што е менталитет наследен од времето на Советскиот Сојуз. Сепак, овие бројки покажуваат дека сé поголема е популарноста на услугите за споделување автомобилски превоз, а со тоа и дека Русите, особено во големите градови, полека но сигурно го губат интересот да поседуваат автомобил (дали поради реално губење на интересот или поради финансиска немоќ да си дозволат, во некое друго истражување).