Монтирај и вози: Моторизиранo тркало за велосипеди (видео)

Во последно време, продажбата на велосипеди ја надминува продажбата на автомобили во Европа. Велосипедот станува прв избор за превозно средство, но веројатно најголема пречка  за неговата понатамошна експанзија е потењето при возењето, особено до работното место.

Базирајќи се на претходни концепти, овој нов дизајн ги интегрира сите аспекти на моторот – во самото тркало. Со новото тркало ќе добиете голема помош при угорнините на вашата рута, притоа вложувајќи само минимален напор. Според креаторите, „сега слободно можете да изберете облека за дестинацијата, наместо за самото возење“, бидејќи потењето е надминат проблем.

flykly-smart-wheel-1-thumb-620x413-69043

„FlyKly“ моментално е во фаза на фундирање на Kickstarter.com. Работи принцип на асистирано веслање на педалите – моторот, со сите елементи, е сместен во задното тркало и се вклучува во моментот кога ќе почнете да ги вртите педалите. Го контролирате преку FlyKly апликацијата на вашиот смартфон. Достигнува просечна брзина од 32 километри на час, со која може да функционира цели 48 километри. Не само што ви помага да ги совладате угорнините, туку самостојно се полни при удолнините. Дополнително, можете да го вклучите во елетричен извор и целосно да го наполните за само 2-3 часа.

flykly-phone-screenshot

Меѓу другото, апликацијата ви овозможува да го заклучите велосипедот, ве известува ако и покрај тоа  некој го придвижи, но и ја следи неговата локација во случај да биде украден. Во однос на возењето, апликацијата ги мери вашите навики на возење, ве снабдува со информации за рутата: ги навестува угорнините и конфигурацијата на теренот, ве известува за застои во сообраќајот, за загаденоста на воздухот и за алтернативни побрзи и побезбедни рути. Исто така, ви овозможува и да ги споделувате своите рути на возење со пријателите, како и да ги преземете нивните.

Тешко е да не се биде скептичен во однос на перформансите, на сметка на сите споменати дополнителни опции. Како и да е, FlyKly наговестува светла иднина на превозот со велосипед.

- Реклама -