Монфис ќе го игра своето 35-то финале во Окленд


Французинот Гаел Монфис (АТП-52.) и Белгиецот Зизу Бергс (АТП-66.) ќе играат во финалето на АТП тенискиот турнир во Окленд.

Гаел Монфис на 38-годишна возраст го победи Американецот Нишеш Басавареди (АТП-133) двојно помладиот од него на тенискиот АТП турнир во Окленд во петокот и со тоа стигна до 35-то финале во кариерата во кое ќе се обиде да ја освои својата 13-та титула.

Непосредно пред почетокот на Австралија опен, каде Монфис во првото коло ќе игра против својот млад сонародник Џовани Мпетши Перикар, ветеранот покажа добра форма совладувајќи го американскиот тенисер со 7-6(5), 6-4.

Французинот, поранешен светски рекет број шест, сега 52-ри, станува вториот најстар играч кој играл во финале на Турот од основањето на АТП во 1990 година – по Хрватот Иво Карловиќ во 2019 година во Пуне, кој тогаш имаше 39 години.

Во финалето тој ќе се соочи со Белгиецот Зизу Бергс, кој во своето прво финале во кариерата цели кон првата титула на 25 години, откако во полуфиналето го совлада Португалецот Нуно Борхес со 2-6, 6-3, 7-5.

- Реклама -