Молдавија блокира повеќе од 20 интернет-страници на руски медиуми

Молдавија денеска го блокираше пристапот до повеќе од 20 руски медиумски веб-страници поради „информативна војна што се води против земјата“.

Во уредбата на Службата за разузнавање и безбедност се наведени 22 руски новински куќи кои треба да бидат блокирани, меѓу кои и „Раша тудеј“, НТВ Рен ТВ, државниот медиумски холдинг ВГТРК и други.

Во документот се вели дека на давателите на интернет услуги во земјата им е наредено веднаш да ги блокираат сајтовите на руските медиуми.

Засега Русија не го коментираше потегот на Молдавија.

Молдавија во јуни 2022 година го ограничи телевизиското емитување на вести, аналитички и воени содржини произведени во Русија, дозволувајќи да се емитуваат само руски забавни емисии и филмови.

Прочитајте и:  Полска компанија илегално испорачала стотици илјади парчиња швајцарска муниција во Украина

Односите на поранешната советска република со Москва брзо се влошија по руската инвазија врз Украина.

Претседателката на Молдавија, Маја Санду, ја осуди инвазијата на Украина и ја обвини Русија дека планира државен удар против нејзината Влада и се обидува да ја дестабилизира земјата. Русија ги демантира таквите наводи и ја обвинува Молдавија дека спроведува антируска агенда.

МИА

- Реклама -