Мојсоска: Не може почитувањето на Уставот да биде албанофобија, зарем и Венецијанската комисија е анти-албанска?

Пратеничката и генерален секретар на Левица, Јована Мојсоска, во своето гостување во „24 Отворено” на ТВ 24 истакна дека т.н. Закон за двојазичност е противуставен и со него се пробиени сите рокови.

– Не е добро за државата да се носат закони со кршење на Устав, со кршење на Деловник, затоа што – каква порака испраќаме ние кон останатите граѓани кога нашите највисоки функционери не ги почитуваат Уставот и законите? Мене ми е скандалозно што експлицитно во самиот Устав пишува кој е рокот за објавување на закон. Овој закон беше објавен 9 месеци после тоа, и тоа е факт – рече пратеничката од Левица.

Мојсоска го потенцираше и мислењето на Венецијанската комисија, според која, т.н. Закон за двојазичност е неприменлив во пракса.

– Јас не навлегувам во материјалната расправа за што Венецијанската комисија даде мислење. Што сега, зарем и Венецијанската комисија е анти-албанска, затоа што даде мислење дека овој закон е неприменлив во пракса, дека создава многу обврски за органите? Левица тоа го апелираше уште кога се носеше Законот – еве, исто, ние бевме националисти, за после да излезе Венецијанската комисија истото да го потврди. Венецијанската комисија, исто, излезе и кажа дека овој закон излегува надвор од Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства и на Европската повелба за регионалните малцинства. Како да го квалификуваме ова – дека Венецијанската комисија и европските институции имаат нешто против Албанците – појасни Мојсоска.

Пратеничката од Левица го истакна проблемот со иселувањето на младите како последица на невладеењето на правото во државата, ставајќи повторно акцент на т.н. Закон за двојазичност.

– Ние немаше да го отвориме ова прашање ако ДУИ и Џафери и СДСМ си го донесеа овој закон со потребното мнозинство; ако си го испочитуваа рокот за објавување; ако не ги фрлаше силеџиски Џафери амандманите на опозицијата. За мене е скандалозно: 250 таканаречени интелектуалци и тројца ректори на факултети да пратат допис да не се отвора Законот за јазици – закон кој нема потпис на претседател, туку има фуснота. И каква порака ние испраќаме во однос на владеењето на правото како темелна вредност и како европска вредност кон која се стремиме? Со ваков потег се покажа дека кога на оваа албанска елита (не на сите Албанци, правам дистинкција јасна!) ù се загрозени некои етнички прашања, значи тогаш може нивното чувство да биде повисоко од европските вредности, а кога Македонците треба да направат компромис е поинаку: ајде, направете компромис за Преспански Договор, затоа што поголемата цел е ЕУ; ајде, направете компромис за Бугарите во Устав – поголемата цел е ЕУ. Овие 250 професори и тројца ректори на универзитети кои ставија потпис дека не треба да се разгледува ваков скандалозен закон, немаат право мене како Македонец утре да ми речат: „Вие треба да направите компромис со вашиот идентитет!” Не, ако вам највисока цел ви е чувството на етнички идентитет, извинете! Дозволете и мене мојот етнички идентитет да ми е поголема од некоја Европска Унија – поентираше Мојсоска.

Прочитајте и:  Апасиев: ДПМНЕ и ВРЕДИ сакаат „статус кво“ за двојазичноста во Македонија

На темата за борба против корупцијата и криминалот, таа потсети на конфискацијата на имотот на Мијалков.

– На Мијалков му беа конфискувани становите – мислам, за после преку фирма неговиот син да ги купи истите станови. Тоа е исмејување на лицето на правдата. Затоа, ќе видиме како ќе оди. Се надевам дека ќе се одважат, конечно, да видиме некои високи функционери да одговараат, но и да ги вратат украдените пари во буџетот на Македонија – рече Мојсоска од Левица.

- Реклама -