„Покажете ми херој и ќе ви напишам трагедија“
Пред 30 години, во сенката на нуклеарниот инцидент во Чернобил, еден од најталентираните светски научници на свој грб ќе ги почувствува зборовите на Френсис Скот Фицџералд. Може да се рече дека приказнава почнува на 27 април 1988 година, кога во својот кабинет е пронајден обесен академикот Валериј Легасов. Тој има одвај 51 година, но не само што е меѓу најголмите имиња во светската наука, туку се здоби со светска популарност и заради катастрофата во нуклеарната централа.
Што е тоа што води до неговото самоубиство?
Сé започнува две години порано, во сончевото утро на 26 април 1986 година. Денот е сабота, а академик Легасов оди на партиско собрание во Министерството за машинско управување (зад тоа име стои министерството одговорно за нуклеарната индустрија во СССР).
Академикот е исклучително талентиран хемичар, чија научна кариера се развива со завидна брзина. На 31 година, тој е магистер на науки. Пет години подоцна е веќе доктор на хемиски науки. На 42 е професор во Московскиот државен универзитет, а веќе во 1981-ва е избран за член на Академијата на науките на СССР. По две години е избран и за прв заменик на Институтот за атомска енергија „Курчатов“. Талентот, принципиелноста и пребрзиот подем не му носат многу пријатели.
Но да се вратиме на утрото на 26 април. Веднаш по средбата, на Легасов му е соопштено дека е вклучен во владината комисија која ќе треба да разјасни што точно се случува во нуклеарната централа Чернобил, каде што малку порано настана експлозија. Академикот не се занимава директно со нуклеарни реактори, но во саботното утро е еден од ретките научници од институтот „Курчатов“, кои се најдоа на работа.
Следува лет до Киев, а оттаму комисијата со автомобили е пренесена кон централата. Иако од инцидентот се поминати над 18 часа, во тешкиот бирократски систем на СССР практично и нема проток на веродостојни информации, па кога Легасов и другите членови на комисијата се качуваат на воен хеликоптер и ја здогледуваат оштетената АЕЦ од воздухот, пред нив се открива страшен спектакл. На дното на разурнатиот труп на четвртиот енергетски блок, сјае оголеното јадро на нуклеарениот реактор – глетка што ниедно човечко суштество не би требало да ја види.
Ноќта на 26 наспроти 27 април, обемот на инцидентот полека почнува да станува јасен. Радиоактивноста во некои области на централата е 40 пати над фаталната доза по човековото здравје. Сепак, најстрашен е пожарот кој тлее во реакторот.
Пред експлозијата во него имало околу 2.400 тони ураниум и графит и секоја секунда во атмосферата се исфрла неверојатен букет од високо-радиоактивни и токсични радионуклиди.
Легасов, кој го предводи научниот дел на операцијата, предложува во реакторот да се фрла песок и глина со надеж дека ќе се прекине согорувањето. Уште следниот ден воени хеликоптери почнуваат да фрлаат вреќи со наложеното, а по неколку дена и олово и бор. Радиоактивното зрачење на кое екипите се изложени е огромно.
Во првата ноќ по експлозијата, прашањето околу евакуацијата на градот Припјат останува отворено. Жителите на градот се изложени на огромни дози радијација, но во Москва уште се колебаат. Легасов инсистира тоа да започне што поскоро, но наредбата за истата доаѓа дури во 11 часот на 27 април – речиси 36 часа по инцидентот.
Легасов сфаќа дека на плеќите му е доделен товар за кој не е ни подготвен, ниту сака да го носи. На 27 април, академикот лично се одвезува во брониран оклопен автомобил до зградата на четвртиот реактор, за доброволно да се изложи на радијацијата. Дозата сигурно немаше да му дозволи да доживее длабока старост. Се вели дека Легасов го прави ова за да добие морално право да испраќа други луѓе во сигурна смрт – а ситуацијата во следните недели ќе му наложи тоа да го прави многу често.
Реакторот продолжува да гори и да ја зголемува температурата. Стопеното атомско гориво и графитот добиваат форма на лава и почнуваат да го пробиваат долниот дел на реакторот. Легасов се плаши токму од ваквиот развој. Просториите под реакторот се полни со вода, бидејќи во првите часови по инцидентот се излеваат илјадници тони од истата, во обид да се ограничат штетите. Ако лавата стигне до водата, тогаш може да се очекува уште една моќна секундарна експлозија. Според академикот, таа ќе е доволно силна да ги уништи останатите три реактори на Чернобил. Радиоактивното загадување при таков случај ќе обесчовечи огромен дел од СССР. Легасов инсистира водата во просториите под реакторот да се испумпа, но тоа е невозможно без рачно да се отворат неколку порти. Затоа, тројца волонтери се испратени во сигурна смрт, но барем портите се отворени, водата е испумпана, а години подоцна, кога просториите се детално проучени, ќе се види дека стопеното нуклеарно гориво навистина го пробило бетонот и можело да дојде во контакт водата.
На 5 мај Легасов се враќа во Москва. Носи лице на човек кој бил продолжено изложен на високи дози радијација. Поднесува извештај до Централниот комитет на Советската комунистичка партија и веднаш се враќа во Чернобил. Останува во нуклеарната централа цело лето, постојано работејќи врз нови и нови проблеми кои непрестајно никнуваат.
Од овие денови е зачувана и една кинохроника, во која новинар го прашува Легасов дали во Чернобил радијацијата е опасна. Камерата ја сведочи горчливата смеа на научникот, кој знае дека одамна е изложен на преголеми дози радијација и веќе има расчистено со таквиот факт…
Во август 1986-та, станува извесно дека СССР треба да поднесе извештај до Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ). За составувањето на извештајот е задолжен никој друг туку Валериј Легасов и неговите соработници од институтот Курчатов под негова капа. Тргнува со намера да ја опише целата вистина за инцидентот, особено што низ месеците кои ги поминува во Чернобил, во него се наталожува апсолутна згрозеност од негрижата околу нуклеарната безбедност во СССР и системските грешки на советската нуклеарна индустрија. Тој наведува десетици случаи на нуклеарни инциденти, открива сериозни пропусти и технички недостатоци во конструкцијата на експлодираниот реактор РБМК-1000 и јасно ја опишува атмосферата на бесмислената тајност која владее во нуклеарните кругови во земјата. Извештајот е изготвен и даден на ЦК на советската комунистичка партија на одобрување.
Кога членовите на комисијата се запознаваат со заклучоците на Легасов и неговата намера оваа информација да биде обелоденета пред светот, поднесени се неколку предлози за негово осудување за предавство. Сепак, на државното раководство на СССР му е јасно дека светот чека одговори и место за бегање нема, па е донесена одлука извештајот да се преработи и „омекне“. Во ревидираната верзија нема отворени лаги, но се премолчуваат важни податоци за неправилната работа на реакторите РБМК-1000, а главната вина е фрлена врз операторите на реакторот (кои во најголем дел се веќе мртви). На Легасов му е наложено максимално да се придржува кон одобрениот извештај и да не одговара на дополнителни прашања.
На 25 август во Виена, започнува конференцијата на МААЕ. Легасов, лично, го чита целиот извештај од 400 страни. Потоа со часови дава детални одговори на прашањата на водечките експерти во областа на нуклеарната енергија. Светската заедница е задоволна, но во советската комунистичка партија се бесни до лудило, затоа што Легасов изнесува многу повеќе информации од одобреното, информации ги нема во омекнатиот извештај и кои немаат поминато низ партиската цензура.
Според протоколот на научните кругови во СССР, тој требаше да добие титула „Херој на социјалистичкиот труд“. Наместо тоа, тој помина со евтин советски часовник со посвета.
За советското раководство, своеумието на хемичарот почнува да станува здодевна пречка за погребување на инцидентот од Чернобил. Историјата памети неколку сериозни судири меѓу Легасов и Горбачов за време на седниците на ЦК на КПСС. Партијците настојуваат целата вина да се фрли на операторите на реакторот и со тоа случајот да биде затворен. Легасов, пак, настојува за елиминирање на тајноста околу советската нуклеарна индустрија, која во голема мера е виновна за инцидентот. И двете страни ги знаеја слабостите на реакторите РБМК-1000, згора на тоа и порано имаше инциденти. Меѓутоа, во име на тајноста, за операторите во нуклеарната централа доверените реактори се беспрекорни.
Критиките на Легасов кон РБМК-1000 ќе му создадат моќен непријател – академик Анатолиј Александров – научен раководител на проектот, глава на советската Академија на науките и началник на институтот Курчатов. Се јавуваат гласини дека Легасов сака да го пензионира Александров и да ја преземе функцијата во нуклеарниот институт.
А Легасов има и друга принципиелна критика. Советските атомски централи се градат без херметички бетонски бункери во кои би требало да бидат ставени реакторите. Во случај на инцидент, како оној во Чернобил, овие бункери можат да го ограничат нуклеарното загадување, а дури и реакторот да е разрушен, инфицирањето на природата да е минимално. Но економските пресметки тегнат на друга страна и подразбираат дека реакторите РБМК треба да се пред сé евтини, а масовни. Згора на тоа, нашироко владее митот за мирниот атом. Така, бетонски бункери не се градат.
Во 1987-ма, истражувањата покажуваат дека фрлањето на песок и олово врз реакторот било бесмислено. Непријателите на Легасов со душа ја дочекуваат таквата вест и ја користат како средство за да го нападнат. Академикот паѓа во тешка депресија, а неговото здравје почнува да се влошува. Во август тој ќе се обиде да се самоубие со предозирање со апчиња за спиење, но е спасен, а случката е претставена како несакана грешка.
Есента истата година во СССР веќе беснее „перестројката“. Легасов добива надеж дека неговите критики кон системот ќе бидат слушнати и ќе бидат преземени категорични мерки за подобрување на безбедноста во советската нуклеарна индустрија.
Тој пишува долга статија насловена „Моја должност е да раскажам“, во која ги опишува вистинските причини за Чернобилскиот инцидент, обелоденува примери за опасната бирократштина која владее во министерствата за енергетика и машинскиот институт, и инсистира на пренасочување на повеќе средства наменети за нуклеарна безбедност. Статијата не се појавува на страниците на весникот „Правда“ – не го поминува филтерот на цензурата.
Во почетокот на 1988 година, Легасов повторно е предложен за титулата „Херој на социјалистичкиот труд”, но лично Михаил Горбачов одбива да го вклучи меѓу наградените. Во пролетта, академикот се обидува да го искористи малиот преостанат авторитет и пријателските и професионалните контакти, за да организира агенција за нуклеарна безбедност во СССР. На 26 април 1988 година неговата идеја официјално е одбиена. Легасов се враќа дома со скршено срце и другиот ден е пронајден обесен.
По неговата смрт се пронајдени пет аудиокасети, на кои тој ги има снимено своите мемоари околу Чернобилската хаварија. Многу од клучните моменти недостасуваат во раскажаното. Се смета дека касетите внимателно се преслушани и дека деловите во кои се открива апсолутната неодговорност на советското раководство, особено во првите денови по инцидентот, се избришани. Во меѓувреме, под изговор дека се радиоактивни, сите белешки на академикот се запленети од властите.
Смртта на Легасов, сепак, не може да биде скриена.
Првично властите се обидуваат да прикријат дека академикот се самоубил, но веста се шири меѓу советските научни средини. Три недели подоцна, „Правда“ ја објавува неговата статија „Мојата должност е да раскажам“, која потегнува промени во советската нуклеарна индустрија.
Во 1993 година, Русија до МААЕ поднесува нов ревидиран извештај за несреќата во Чернобил, во кој отворено се зборува за несовршеностите на реакторите РБМК-1000.
Три години подоцна, постхумно, директно од рускиот претседател Борис Елцин, Легасов ја добива титулата „Херој на Руската Федерација“, за храброст и херојство при ликвидацијата на последиците од нуклеарната катастрофа во Чернобил.