Хрватскиот репрезентативец Лука Модриќ во понеделник треба да биде претставен во дресот на Реал Мадрид на „Сантијаго Бернабе“.
Неговиот трансфер е договорен, а Тотенхем, според шпанските медиуми, ќе добие 30 милиони евра како оштета, плус уште дополнителни пет милиони евра како бонус во зависност од постигнувањата на Модриќ во дресот на „Кралевите“.
Договорот на Модриќ најверојатно ќе биде на пет години, а тој ќе заработува 4,5 милиони евра по сезона. Тоа е значително повеќе од досегашната негова плата во редовите на Тотенхем, која изнесуваше 2,5 милиони евра годишно.
Преселбата на Лука Модриќ е веќе договорена работа, па шпанските медиуми сега нагаѓаат која бројка би можел тој да ја носи на грбот. Ако Нури Сахин го напушти клубот, тогаш ќе биде слободна „петката“ што во минатото ја носеше Зинедин Зидан, а моментно е слободен и дресот со број „23“, што своевремено убаво му стоеше на Дејвид Бекам.
Има претпоставки дека Модриќ би можел да задолжи и дрес со број „16“, а во Тотенхем имаше 14 на грбот. Во хрватската фудбалска репрезентација Лука Модриќ го носи дресот со број „10“.