Два воени воздухоплова од типот Б-52 на Воздухопловните сили на САД денеска извршија прелет над Скопје, што е уште еден приказ на заедништвото и силното сојузништво во НАТО, како и посветеноста на сите земји членки на безбедноста и стабилноста на евроатлантската област, соопшти Министерството за одбрана.
Во однос на прелетот на двата американски бомбардери, потполковникот Јован Азмановски од Генералштабот на Армијата истакна дека нашето небо е безбедно и нашето членство е повеќе од видливо.
„Граѓаните на Скопје и Северна Македонија денеска можеа да видат прелет на два стратешки бомбардери Б52 од американското воено воздухопловство, коишто го покажуваат нашето членство во НАТО Алијансата, безбедноста и сигурноста над нашето небо и небото над сојузниците“, рече потполковникот Азмановски.
Министерството информира дека бомбардерите Б-52 во земјава влегоа од Бугарија кај Крива Паланка, извршија низок прелет над главниот град, по што македонскиот воздушен простор го напуштија кај Дебар.
Воздухопловните сили на САД во текот на денот ќе извршат прелети и над воздушниот простор на Албанија, Црна Гора и Хрватска.
МИА