МНР укажува, Грција игнорира: На таблите сѐ уште стои „Скопиа“

Фотографија од февруари, кога Македонија ја постави таблата со новото име на државата

„Враќајки се со возило од Атина до граница не видовме ниту една табла со новото име Северна Македонија и сѐ уште стои понижувачкото име Скопиа“, се пожали претседателот на ЛДП и министер за локална самоуправа – Горан Милевски, на вчерашниот состанок на младите на ЛДП, откако минатата недела беше во Атина на Конгресот на европски либерали.

Според него, грчката влада и премиерот ја пропуштиле и шансата да бидат стратешки партнери на Македонија и да се залагаат за нашите НАТО, ама и ЕУ интеграции, како што предвидува Преспанскиот договор. Наместо тоа, грчкиот премиер Мицотакис практично го одмолче Самитот во Брисел и не лобираше доволно за Македонија да добие датум за преговори, истакнува Милевски.

Од македонското МНР, иако е помината повеќе од една година од Преспанскиот договор, и и покрај тоа што земјава побрза дури и да го бруси Сонцето од Вергина од шахтите, сѐ уште нема најава за некакви други, конкретни мерки во однос на грчкото непочитување на Договорот. Оттаму за „Слободен печат“ велат дека досега во повеќе наврати укажувале на потребата и придобивките од поставување на соодветна патна сигнализација во Грција.

На Грција се чека и за интердисциплинарната експертска комисија за историски, археолошки и образовни прашања, како и за Комитетот за деловен дијалог и Групата меѓународни експерти за прашања кои произлегуваат од имиња за комерцијална намена, трговски марки и заштитни знаци, пренесува „Слободен печат“.

 

- Реклама -