МНР: Одлуките не се насочени против уставните права на Бугарите, туку против контроверзните називи на здруженијата

„Законот за здруженија и фондации, односно одлуките на Комисијата за употреба на имиња, уште еднаш би сакале да нагласиме дека не се насочени против уставно загарантираното право на здружување, туку против одлуките здруженијата да носат имиња на контраверзни личности, кои создаваат непријатност меѓу сите граѓани на земјата“, соопшти МНР, по реакцијата на Софија за бришењето на двете бугарски здруженија од Централниот регистар.

Во оваа смисла, како што наведуваат од МНР, Комисијата за употреба на имиња носи мериторни одлуки согласно законските прописи и интенцијата да се зачува суштината на мултиетничкото општество.

„Министерството за надворешни работи активно соработува со здруженија и организации од невладиниот сектор и го поддржува нивниот ангажман, согласно постоечката законска рамка со која се уредува формирањето и делувањето на таквите здруженија. Уредувањето и општествените околности во Република Северна Македонија се меѓународно признаени како пример за тоа како треба да се заштитат малцинските права и да се негуваат различностите базирани на идентитетските колективни права“, се наведува во соопштението.

Прочитајте и:  Мицкоски: Со Макрон отворено разговаравме за одблокирање на патот на Македонија кон ЕУ

Работата на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија, од друга страна, ја има целосната поддршка на институциите на земјава, но нејзината работа не е поврзана со Законот за здруженија и фондации, односно условите под кои се формираат и делуваат здруженијата на граѓани, се додава во соопштението.

„Северна Македонија има високо ниво на заштита и негување на правата и националните, јазични и културни особености на секоја заедница и тоа право не е ограничено, ниту би можело да се ограничи“, подвлекуваат од МНР.

МИА

- Реклама -