Мицкоски: Заврши времето на привилегирани политичари, обновата значи и еднаквост спрема законот

За две седмици започнува обновата на Република Македонија. На 15-ти јули СДСМ и Зоран Заев ќе ги стаса казната од народот, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска од Јегуновце, каде заедно со носителката во шестата изборна единица 6 – Дафина Стојаноска, оствари средба со жителите.

„Изминативе 30 месеци поминав 100-тици илјади километри низ нашата мала но достоинствена, горда татковина. Разговарав со илјадници сограѓани, учев од нив за маката, за тешкиот живот, а тоа се гледа и во нивните очи. Не треба многу човек да е аналитичен, само е доволно да го погледа човека во очи и тогаш во таа длабочина на човечкиот поглед можете сѐ да видите. Може да го видите тешкиот живот, но и разочараноста од политичките елити. Велат, вие ќе дојдете, ќе заминете, но пак сѐ ќе остане исто, што ќе се менува за нас. Многумина доаѓаа, ветуваа, но за жал ништо не исполнија, или многу малку испорачаа. И токму тоа е, велам, нашата мотивација за да се фатиме за оваа работа“, рече Мицкоски.

Дојден е моментот за борба, порача тој – борба за подобро утро за идните генерации за да останат во преубавата Македонија.

„Заврши времето кога политичарите ќе бидат привилегирани. Заврши времето кога политичарите ќе бидат привилегирана каста и нивните семејства. Политичарот треба да биде тука долу со народот и тоа ќе биде првата лекција која што идните народни избраници од Коалицијата ‘За обнова на Македонија’ ќе ја добијат на 16-ти јули, заедно со читанката наречена ‘Проект – Обнова’. Тоа ќе биде првата лекција која што ќе мораат да ја знаат. Нема веќе канцелариски политичари, туку заедно со народот ќе бидат за да учат, а тоа што ќе го научат од народот ќе треба да го спроведат“, рече тој.

Прочитајте и:  Мицкоски: Осумнаесет милиони евра за реконструкција на студентските домови

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека секој оној кој што ќе биде дел од нивната влада и ќе има некаква задача, кој ќе треба да одработи нешто за народот, ќе треба да ја знае првата лекција од „Проект – Обнова“ – дека политичарите треба да се жртвуваат за сопствениот народ и треба да го водат народот, а не да се кријат позади него.

Мицкоски истакна дека програмата на ВМРО-ДПМНЕ била многу внимателно создавана во соработка со многу непартиски експерти, домашни и странски, и дека во неа има за секого по нешто.

„И во ‘Проектот – Обнова’ се обврзуваме на многу работи. Се обврзуваме на најмалку 25% повисоки просечни плати во еден мандат. Се обврзуваме на најмалку 20% повисоки пензии во еден мандат за пензионерите и враќање на старото законско решение. Се обврзуваме на најмалку 1.000 километри реконструирани патни правци, локални и регионални. Се обврзуваме за младите најмалку еден Универзитет кој што ќе биде на Шангајската листа меѓу првите 1.000. Се обврзуваме на реновирани студентски домови, на еден студентски град. А, за земјоделците најмалку 640 милиони евра субвенции и загарантиран откуп во еден мандат“, нагласи Мицкоски.

Тој се поздрави со граѓаните од Јегуновце со порака дека по 15 јули Македонија ќе стане подобро место за живот.

- Реклама -