Мицкоски: Заев и Мијалков можеби имаат температура, ама граѓаните немаат

„Ова е веќе циркус , направија циркус од државата. Заев доста е. Доста е со навреди на интелигенцијата на народот, човекот ве гледа во очи и ве лаже, мака нема. Си играат мајтап, додека мафијата царува“, обвинува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски, по денешниот бурен пресврт во случајот со бегството на Сашо Мијалков.

„Денеска стана совршено јасно на секој граѓанин во Македонија дека имаат договор. Прво се договорија да избега, па се договорија да се врати, со посебен третман, со насмевка, со шамар за полицијата, судот, Обвинителството, со шамар за власта, вечерва недостасуваше уште да му се извинат, бидејќи тој им се извини на ним. Тој е најдобра потврда дека постои криминална коалиција Зоран-Вице и Сашо.  Тешка хаварија, за само неколку десетици часови, го упропастија системот и по кој знае кој пат, поплукаа во правдата“, смета Мицкоски, додавајќи дека само жестоката јавна реакција спречила целосно фијаско и бегство.

„Дека сѐ е договорено и дека нема логика тоа што го тврди Зоран Заев дека наводно жестоко го притиснал и вратил бегалецот од правдата говорат следните факти:

Доброволно тој се прошета пред камерата на провладина телевизија, со прашање на новинарот кој сосема случајно се најде таму… Ооо господине па вие сте овде… Полиција нема, ама камера има… каква сапуница! Наместо во суд, упат за куќен притвор доби во Обвинителството“, реагира Мицкоски.

Прочитајте и:  Агелер: Честитки до Шекеринска и до премиерот Мицкоски и Владата што ја поддржаа нејзината кандидатура

Тој порачува дека граѓаните немаат температура (алудирајќи на изјавата на премиерот Заев дека не Мијалков, туку тој самиот имал 40 степени температура по бегството на поранешниот шеф на УБК):

„Апсолутно сѐ е јасно. И двајцата рекоа дека имале температура, можеби тие двајцата имаат, но народот нема. Народот добро знае што се случува и правда, конечна правда, ве гледам во очи и ви кажувам, ќе има кога двајцата ќе бидат таму каде што заслужуваат, во затвор.

Сето ова што денеска се трудеше Зоран Заев да го каже и докаже пред македонската јавност и македонските граѓани – дека институциите функционираат, излегува дека навистина часописот ‘Економист’ бил во право кога велел дека владее хибриден режим.

Почитувани сограѓани, сите плаќаме прескапа карта за циркусот кој ни го сервираат, затоа што си играат со нашите судбини. Затоа наша заедничка обврска е на сето ова да му ставиме крај и уште пожестоко да работиме овој хибриден режим да го собориме. И набргу ќе го собориме. Владата, владата ваква кава што е, се клати и виси на конец. Ѝ доаѓа крајот“, порача Мицкоски.

- Реклама -